Каде е Бучковски?

Заедничката историја не може да ја смениме, ниту јас, ниту г-ѓа Захариева, но може да ги промениме работите во делот на инфраструктура, заедничките капитални проекти, посилната соработка во образованието и науката во правец на зближување на двата народа…Ова е последното јавно појавување на специјалниот претставник на Македонија во преговорите со Бугарија, Владо Бучковски. Специјалната агенда која ја имаше како задача испари, па на средбата со бугарските челници ниту се појави во Софија ниту пак слушнавме што договарал изминатиот период.

Немам џокер во ракавот но имам искуство, велеше по изборот Бучковски според кого молкот понекогаш е решение. Убеден беше дека неговото искуство и довербата која ја ужива кај официјална Софија ќе бидат пресудни за придвижување на веќе закочениот процес, ама очигледно дека тоа не помогна.

Алфа се обрати и во Влада, прашавме какви активности има специјалниот претставник во преговорите со Бугарија, Владо Бучковски периодов, зошто не се појавува во јавност, но и каква е следната агенда за состаноци во Бугарија. Наместо конкретни одговори на нашите прашања од Илинденска одговорија единствено дека останувале посветени на процесот.

-Улогата на специјалниот претставник Владо Бучковски произлегува од предложениот Акциски план и од напорите на Владата да постигне решение во билатералниот спор со Бугарија и со тоа да се остранат пречките за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ. Силно сме убедени дека сето тоа треба да создаде доверба меѓу владите и државите, стои во дописот од Влада.

И додека чекаме информации за Бучковски се чини приматот во преговорите му го преземаат премиерот Заев и министерот Османи. Според најавите Заев бил спремен повторно да оди и да моли во Бугарија за тргање на цврстото вето. Но за него немало ништо спорно ниту во патоказот и точките кои ги испорача бугарското МНР.

Црвените бугарски линии ни оддалеку нема најава дека би можеле да се променат сега, а ниту по изборите кога треба да биде избрана новата влада. Македонската власт пак полага надеж во братските односи кои се повеќе се разнишуваат по јавното признание на бугарскиот претседател Радев од центарот на Брисел дека извојувале победа во односите со Македонија.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста