Кацарска за Алфа: Ако ми понудат, со задоволство ќе прифатам да бидам уставен судија

Ќе стане ли Добрила Кацарска уставен судија? Незиното име, според информациите на медиумите е едно од посериозните , кое би можело да земе место на масата во Уставниот суд на местото на Владимир Стојановски чиј мандат истече.

Во текот на утрешниот ден дванаесет членови на Судскиот совет треба да утврдат предлог за нов член во нивниот тим.

Кацарска за Алфа вели дека  не знае дали нејзиното име ќе биде предложено, оти не е член на судскиот совет и не располага со такви информации, сепак доколку и биде предложена таква функција, би ја прифатила зошто за секој судија тоа било огромна чест.

Таа има долг судиски стаж, над 30 години, моментално е судијка во одделот за организиран криминал и корупција, а била и претседателка на Кривичниот суд во Скопје. Сепак името на Кацарска за јавноста стана попознато откако ги осуди Никола Груевски, Гордана Јанкуловска и Ѓоко Поповски за набавката на мерцедесот, односно за предметот Тенк, како и за пресудените затворски казни на обвинетите за настаните на 27 април. Беше судија и во предметот „Триста“ на СЈО, како и во советот што го судеше предметот „Поткуп“, во кој обвинет беше Зоран Заев до преквалификацијата на обвинението. Таа беше и во фокусот на вниманието во врска со случајот со Душко Лазаров, кој две години пред да замине во пензија, наместо пензиониран началник, го доби епитетот обвинет, а подоцна и  осуден на затвор од дури 15 години, само зошто бил присутен во оперативниот штаб. Кацарска најпрво му дозволи на Лазаров да ја користи гаранција за бранење од слобода, а потоа без никакво објаснување истата му беше укината.

Името на Кацарска беше дел и од рекламната пропаганда на опозицијата на последните избори, судството во Македонија го нарекуваат Кацарска судство, симболично за да се покажела спрегата меѓу извршната и судската власт.

Кој ќе биде новиот судија во Уставниот суд и дали тоа ќе биде токму Кацарска ќе се знае откако судскиот совет по предходна координација ќе се согласат за одредено име кое треба да помине на пленарна седница во Собранието. Судскиот совет предлага двајца судии за Уставниот суд, за чие усвојување треба двотретинско мнозинство во Собранието. Ако ниту еден од предложените не го добие потребното мнозинство, постапката за предлагање кандидати се повторува.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста