Kои македонски историски ликови ќе треба да си го сменат името?!

Александар Македонски, Филип Втори, Олимпија и многу други добија посебни табли дека се дел од хеленската култура, сега на ред се Цар Самоил, Св. Кирил и Методиј и Св Наум Охирдски. Што ќе пишува на нивните табли засега не е познато, затоа што Владата се уште нема објавено каква точно формулација договориле историските комисии. Според експертите,  недозволиво е да се менуваат ознаки на споменици бидејќи тоа ќе го промени историското и културно наследство на Македонија.

Како историчар, вакви дефиниции од неколку членови, историчари, се несвојствени за било која суверена држава, од аспект што секоја земја си ја дефинира својата национална историја и културно и историско наследство. Според тие информации кои протекнуваа во јавноста, Самоиловата држава ќе биде дефинирана како Бугарско царство, и тоа ќе го редефинира македонскиот национален историски наратив, граден со години, и ќе и даде промени во културното наследство на Македонија, со други зборови, нема да имаме сопствена историја туку заедничка историја со Бугарија – вели историчарот Митко Панов.

Прв на списокот што ќе биде обезличен е Цар Самоил и веројатно неговата Тврдина во Охрид. Иако за големиот македонски цар,не е позната точната формулација, истата е влезена во протоколот како веќе постигнат договор. Него ќе го чествуваме заедно со Бугарија, а договорена е и измена на првиот учебник.

  • Владата на Република Северна Македонија ќе подготви и достави прелиминарен урнек од лекција за 7 одделение од образовната програма на Македонија на тема Самоилова држава, во согласност со препораката на Комисијата, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот.

Во јавноста, секојдневно циркулираат информации дека македонската Влада дури прифатила Самоиловата тврдина да биде побугарчена, но засега нема официјална информација што би го потврдила овој податок. Информациите дека на Самоиловата тврдина во Охрид ќе стои дека Самоил бил бугарски цар протекнуваа и од бугарските медиуми кои се повикуваа на делови од билатералниот протокол.

Од друга страна, Мешовитата историска Комисија во повеќе наврати демнатираше дека се договорила за менување на натписи на спомениците кои се спорни за Бугарија.

Професорот Панов предупредува дека историската Комисија и Владата, преку протоколот ги поништуваат сите досегашни резултати на научните и образовни национални институти и Македонската академија на науките и уметностите.

Апсурдите се содржани во вториот Протокол, се наведува дека надлежните Министерства и единиците на локалната самоуправа, ќе треба да ги вклучат сите резултати, во учебните материјали и натписите на спомениците, но и информациските материјали во музеи, што го вклучува и јавниот простор и медиумите, понатаму, се посочува дека одобрените текстови од заедничката Комисија, ќе бидат основа за заедничко чествување на одредени историски личности – вели професорот Панов

Македонија ќе прави промени и во други учебници, секаде каде се спомнуваат Цар Самоил Св. Кирил и Методиј и Св Наум Охирдски. Измени ќе се прават и секаде каде што се спомнува Букурешкиот мировен договор, односно фактот дека Македонија била поделена меѓу Србија, Грција и Бугарија. Историчарите предупредуваат дека ако се случат овие измени, власта ќе навлезе во сфера која не и е дозволена и ќе посегне по автономијата на македонската, европската и светската историографија.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста