Kовачевски нема против барањето на Петков за отворање институција за правата на Бугарите во Македонија – секогаш можело да се зајакне капацитетот на институциите

Од Бугарија само провокации, од Македонија само попуштање – премиерот Димитар Ковачевски по се изгледа, нема ништо против барањето на неговиот бугарски колега Кирил Петков, во Македонија да се отвори институција која ќе работи на подобрување на правата на Бугарите во земјава.

Ние сме држава што го има поставено прашањето на правата на помалите етнички заедници на исклучително високо ниво и сме единствената земја во Европа што има министерство за помалите етнички заедници. Ја имаме и Канцеларија на омбудсманот која се грижи за правата на сите граѓани, вклучително и на бугарското малцинство, односно граѓаните што се самоопределуваат како граѓани во државата, така што нормално дека доколку некој е загрозен дека може низ тие институции тоа да го направи, а секако капацитетот на институциите може во секое време да биде зголемен – изјави Ковачевски.

И додека премиерот Ковачевски е резервиран во своите изјави, речиси секој ден од Бугарија пристигнуваат само остри тонови. Премиерот Петков освен што бара посебна институција за правата на Бугарите,  е дециден дека нема да се тргне ветото додека Македонија не ги исполни сите барања. Истиот став го делат сите бугарски челници. И потпретседателката Илијана Јотова вчера кажа дека за Македонија нема „ДА“ се додека не и испорача на Бугарија се што бара.

И поради сите овие изјави, расте песимизмот кај македонските политичари во пресрет на јунскиот самит на ЕУ.

Шефицата на германската дипломатија пак изјави дека ЕУ не само што мора да продолжи да го поддржува Западен Балкан, туку и да го исполни ветувањето дека ќе го внесе регионот во Унијата. Сепак, европските челници многу пати ни порачале дека спорот со Бугарија треба да го решаваме сами, без нивна асистенција.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста