Kаменос: безбедносен чадор на Балканот доколку пропадне Преспанскиот Договор

Каменос презентира план Б за Македонија во Пентагон – градење на безбедносен чадор во регионот. Министерот за одбрана на Грција е убеден дека Преспанскиот Договор нема да помине, а со тоа Македонија би останала надвор од ЕУ и НАТО, па на американците им презентирал свој алтернативен план за заштита од руското влијание на Балканот, пренесуваат грчките медиуми.

На тој начин би биле вклучени геополитичките цели од Договорот од Преспа, без да се допре прашањето за името, а потпишувањето на договорите на таканаречениот балкански сојуз би било меѓу Грција, Бугарија, Албанија и Македонија, а подоцна би се вклучила и Србија.

Останува нејасно дали планот Б на Панос Каменос е подготвен во консултации со премиерот Ципрас и министер за надворешни работи Коѕијас или пак во Пентагон си го презентирал на своја рака.

По средбите со американскиот државен секретар за одбрана, Џејмс Матис и помошникот американски државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел Каменос вели – Грција изрази добра волја во Договорот од Преспа, но тој нема да се ратификува во Македонија, потребна е алтернатива.

– Мојата позиција ја знаете, мислам дека е целосно јасна. Но, се чини дека случувањата водат кон тоа. Сметам дека следната фаза ќе биде создавање меѓудржавни договори што ќе го реши проблемот со нестабилноста, кажа министерот за одбрана на Грција.

Во однос на овие предлози на Каменос, алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, изјави  дека тие не биле доставени до Владата и „во никој случај не можат да бидат алтернативен план за Договорот од Преспа“.

 

 

 

.