Јубилејни 30 години независна Македонија- од каде почнавме, а каде сме сега?

Да ви честитам слободна, суверена и самостојна Македонија, порача првиот македонски претседател Киро Глигоров на осми септември 1991 година.

По 30 години од овој свечен чин, односно изгласувањето независност на Република Македонија, денеска овој историски момент се одбележува со парола, каде никаде не се споменува името на државата. Држава која во овие 30 години преживеа се и сешто. Но, да започнеме од она убавото, моментот кога Македонија стана независна.

На денешен ден пред 30 години, граѓаните на тогаш Социјалистичка Република Македонија изгласаа независност на Република Македонија. Ваквите резултати предизвикаа вистински делириум.

По овој историски момент, за оваа Македонија следуваат тешки години. Во 1995 година на трети октомври се случи атентат врз претседателот Киро Глигоров. Во моменти додека сите во земјата беа преокупирани со неуспешниот обид за убиство на првиот човек на државата, во македонското Собрание, во кое тогаш владееше само една партија, во брза постапка се менува уставот, со цел промена на знамето, со што Македонија тогаш ги ослабна своите позиции во преговорите со Грција.

10 години по добивањето независност, Македонија ги доживува едни од најтешките моменти во својата историјата. Во државата се случи внатрешен воен конфликт, кој започна во јануари кога ОНА ги нападна безбедносните сили на Македонија.

Конфликтот заврши во август истата година откако беше потпишан Охридскиот рамковен договор. По ова следуваа години кои може слободно да кажеме беа многу помирни од првите 10 независни. Така беше се до 2019-та.

Волјата на Македонците изразена 91-та година на еден начин беше срушена 28 години подоцна. И покрај неуспешниот референдум беше променето името на државата. Наместо потребните 50, излезноста беше 36,91 проценти. Гласот на граѓаните изразен преку бојкот на референдумот, беше срушен во Собранието. Република Македонија замина во историјата, се роди Северна.

-Да живее Македонија, да живее Република Северна Македонија, изјави Заев на 12-ти јануари 2019-та година.

Иако беше ветувано спротивното, Македонија во 2019-та година стана двојазична држава. За овие уставни измени граѓаните воопшто не беа ниту прашани, тие беа донесени во и повеќе од тензична атмосфера во Собранието.

По Преспанскиот договор, Македонија потпиша и договор за добрососедство со Бугарија, договор кој наместо да донесе добро, донесе само полошо за државата. Повикувајќи се на потпишаното од Заев и Борисов, официјална Софија сега го условува напредокот на Македонија во евроинтеграциите. Се бараат големи отстапки од Македонија, кои пак за жал власта ги прави.

-На територија на регионална Македонија навистина живееле Македонци, кои зборувале македонски јазик, но живееле Бугари кои збореле бугарски јазик. Живееле луѓе кои што се чувствувале во исто време и Бугари и Македонци. Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кој што се борел и за слободата на Македонија и за Одринско и за се и тоа е апсолутна реалност, изјави Заев.

По 30 години, Македонија сигурно не е на патот, кој го замислуваа луѓето кои пред 30 години, речиси едногласно изгласаа независност. Државата сега има променето име, се удира по нејзиниот јазик, идентитет, историски херои. Но, како и да е, Македонија е државата која сите ние ја сакаме и наше е да се надеваме, дека наредните ќе бидат многу подобри од она на што сме сведоци последниве години.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста