Јубилеј: 77 години на првиот македонски весник „Нова Македонија “

Првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ денеска одбележува 77 години од своето постоење, односно од печатењето на првиот број на весникот во Горно Врановци. Како што велат од редакцијата на весникот ова е јубилеј што во себе содржи многу вложен труд, знаење, искуство, непокор, љубов, емоции на генерации и генерации новинари и друг кадар, кои се вградија себеси во весникот. Јубилеј што има огромна општествена и историска вредност и значење, и за развојот на медиумите во земјата, но и воопшто за македонскиот народ и држава велат од Редакцијата на весникот.  

Да се опстои 77 години низ сите бури, премрежиња, искушенија, сцили и харибди низ кои минале и сѐ уште минуваат македонскиот народ и држава, а заедно со нив и „Нова Македонија“, и притоа секогаш да се биде на вистинската страна, на страната на вистината, историјата, традицијата, идентитетските обележја, јавниот интерес – со еден збор на страната на граѓаните, е исклучително тешка, голема и одговорна задача. Тоа е подвиг сам по себе, со кој ретко кој медиум, весник или новинска куќа од овие простори може да се гордее. Тоа ѝ успеало и ѝ успева само на „Нова Македонија“- велат од редакцијата на „Нова Македонија“.

Денес, на својот 77. роденден, „Нова Македонија“ е синоним или второто име и за македонскиот јазик, име, идентитет, традиција историја, писменост, култура. Или како што своевремено ќе напише Коле Чашуле: „Ние во ’Нова Македонија‘ со јазикот и со напишаното изградивме структура на национален идентитет, не фикција, туку жив организам на идентитетот“- стои во соопштението на редакцијата.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста