Јосифовски за Алфа: Ако Владата итно не ни помогне, свесно не остава да пропаднеме

Ако Владата итно не седне на маса со нас и сериозно не ни помогне, свесно не остава да пропаднеме, алармираат од туристичко-угостителската индустрија која се соочува со сериозни загуби. Велат дека нема сектор кој не работи со загуби. Само во угостителскиот сектор, загубите надминале 70%, и менаџерите не знаат како ќе ги исплатат работниците.

Вака скроените мерки ги доведуваат во заблуда работодавачите, но и опстанокот на добар дел од секторите. Ако продолжи игноратскиот однос од страна на власта, стопанствениците велат дека ќе бидат приморани да стават клуч на врата, и персоналот да остане на улица.

  • И премиерот, и вицеоремиерот, и министерите, и сите не треба само да ветуваат, треба итно да не поканат да се видиме, и да се договориме што понатаму. Ова вака не може. Не можеме да издржиме, ова е многу лошо за многу сектори, меѓу кои и угостителскиот сектор. Ако Владата итно не седне на маса со нас и сериозно не ни помогне, свесно не остава да пропаднеме, алармираат од туристичко-угостителската индустрија која се соочува со сериозни загуби, вели во изјава за Алфа, Здравко Јосифовски од Независна угостителска комора на Македонија.

Дека на најпогодените сектори итно им треба помош алармира и стопанството. Од Сојузот на стопански комори велат дека со оглед на тоа дека здравствено-економската криза трае предолго, економијата генерално бележи пад, треба да им се помага на најпогодените сектори се додека има рестриктивни мерки.

  • Треба да се има во предвид дека мерките за поддршка треба да продолжат и потоа и да бидат трансформирани во мерки кои ќе поттикнат економски забрзан раст и развој. Сојузот веќе прибира податоци од своите членки за актуелните потреби, кои ќе бидат дел во ново барање за поддршка, велат за Алфа, од Сојузот на стопански комори на Македонија.

Од Владата велат дека остануваат посветени на економијата, без конкретно да кажат дали ќе има дополнителна помош на оние на кои во моментов им е најпотребна.

Претходно, од Владата рекоа дека во моментов не се размислува за помош на стопанството и граѓаните, иако тие со недели алармираат дека едвај опстојуваат на пазарот. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, рече дека барем за сега, нема да има седми пакет на економски мерки.

Во меѓу време, угостителите, туристиичките работници, менаџерите на трговските центри, вработени во обложувалниците, сите пред камерата на Алфа се пожалија дека прометот им бил драстично опаднат. Ако не добијат владина помош, ќе бидат принудени да им поделат откази на десетици илјади вработени.

Инаку, од почетокот на пандемијата до сега, 50.000 луѓе останале без работа, а бројот на невработени се искачил на дури 150.000.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста