Јорданов: Филипче ги игнорираше апелите за состојбата во штипската болница, тоа за жал чинеше човечки живот

Јас лично го предупредував министерот за здравство, Венко Филипче неколку месеци наназад за состојбите во штипската болница и недостатокот на кислород кој им е неопходен на пациентите заразени од КОВИД-19, посочува Иван Јорданов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

-Филипче заедно со директорот ги игнорираа овие апели од мене и од јавноста и тоа за жал чинеше човечки живот. Знаеја дека има недостаток на кислород, не постапија и продолжија со мантрата дека се е под контрола. Контролата одамна е изгубена. Загубен е човечки живот, прстот е вперен кон Филипче и затоа оставка веднаш. Несомнено, случајот во Штип е приказ за состојбите во цела држава! И наместо министерот за здравство да иронизира, а директорот на Клиничката болница во Штип дрско да се однесува со неистомислениците, време е и двајцата да преземат одговорност за злочинот кој го прават на граѓаните од Источна Македонија.  Власта остана глува на нашите неколку месечни повици за состојбите, поставување на ветениот монтажен КОВИД центар и конечно завршување на новата Клиничка болница во Штип, која 4-та година е во застој. Фејсбук сведоштвото на младата девојка која ја изгуби мајка си, поради нефункционирањето на системот и слабата организациона поставеност, даде причина повеќе овие двајца да ги напуштат функциите, истакна тој.

Тој порача: “Овој двоец на менаџерски тим, четврта година ги оставаат граѓаните од Истокот без нова Клиничка болница и цела година без ветениот монтажен КОВИД центар. Ова придонесе, граѓаните да бараат спас за својот живот во скапото приватно здравство. Неодговорниот пристап на раководните структури и слабата организациска поставеност, допринесуваат секојдневно да броиме мртви меѓу роднините и пријателите, додека КОВИД профитерите заработуваат на грбот на сиромашниот народ“.

-Вториот бран на пандемијата, покажа колку лошо се менаџира здравствениот систем во државата од страна на Филипче.       Време е и јавното обвинителство да го истражи третманот на пациентите во болницата во Штип, затоа што бројот на починати и заразени е застрашувачки, вели тој.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста