ЈО за АЛФА: „Рекет 2“ e во предистражна постапка

Започната е предистражна постапка за „Рекет 2“, потврдуваат од Јавното обвинителство. По прилогот на Алфа во кој стоеше и дека продолжениот празничен викенд не ја ослободува службата на обвинителството за односи со јавност, која треба треба постојано да стои на располагање за одговори на новинарски прашања, се сторија достапни, па велат:

-Кривичната пријава поднесена од Вера Иванова против Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев, Министерот за здравство Венко Филипче, а која беше и проширена против уште едно лице е распределена кај јавен обвинител. Започната е предистражна постапка, велат од ЈО.

По споделените информации оти опозициската ВМРО-ДПМНЕ има докази за криминал во однос на овој случај, претседателот на партијата, Христијан Мицкоски со предупредување.

-Ако Јавното обвинителство не е транспарентно во постапките, јавно ќе ги објавиме документите, изјави Мицкоски.

За аферата што „пукна“ пред еден месец и го доби називот „Рекет 2“ се изјаснија и Дончев и Филипче. За Директорот обвинувањата биле небулозни, а за министерот смешни. Но и двајцата признаа оти имале средби со шведскиот инвеститор и дека праќале предупредувачки писма до фирмата заинтересирана да инвестира во земјава, ама и до шведскиот амбасадор. Во истите, македонските претставници им пишале на Швеѓаните дека против фирмата што сакаат да ја купат се води истрага.

Премиерот Зоран Заев, што на некој начин застана во одбрана на Дончев и на Филипче, рече дека дојавата за истрага ја добил дирекно од Јавното обвинителство, кое инаку треба да биде независно и да не споделува информации за истраги со никого, бидејќи се тајна. Пред десетина дена пак Филипче во обид да релативизира и „да го извади премиерот“ на прашање на Алфа одговори дека знаел оти обвинителството истражувало бидејќи побарало документи од Министерството за здравство.

Вера Иванова, претходна сопственичка на „Дијамед“ поднесе кривична за злоупотреба на службената положба на Дончев и Филипче, дека според пријавата, ја оштетиле и неа ама и државата преку обид да спречат влез на странски инвеститор, а со цел да извлечат пари и за себе.

Сања Трајковска Ставров