Јетон Шаќири: Техничка грешка беше првичното „CV“, не станав доктор на науки на 21, туку на 29 години

Техничка грешка при поднесување на документите на мојата биографија – вака најмладиот министер за информатичко општество, Јетон Шаќири, денеска на првата официјална прес конференција, се правдаше за неверојатната информација дека докторирал на 21 година.

Иако со недели неговата биографија стоеше на сајтот на македонското собрание, Шаќири тврди дека тоа било грешка, која подоцна била исправена.

Како е можно министер за информатика да има познавање само од ворд, ексел и паур поинт, но и како на 21 година се станува доктор на науки?

  • Можам да кажам дека во пуштање на CV-то почетнички беше техничка грешка, но за ова може слободно да се уверите, само дека сакам да одговорам на ова прашање дека ќе видите на сајтот на МИОА точно мојата биографија, и после тоа во наредната прес конференција ќе ме прашувате пак кога сум станал доктор по економски науки, рече за Алфа министерот за информатичко општество, Јетон Шаќири.

Во новата биографија на Шаќири што е објавена на официјалниот сајт на министерството, нема нови перформанси во однос на неговите компјутерски способности.

Од МИОА им требаше речиси цел ден за да го испратат видеото со одговорите на прашањата од новинарите, кои како што рекоа, биле малку незгодни.

Инаку, денешната прва прес-конференција на министерот Шаќири се одржа преку платформата Зум, но на Фејсбук страницата на МИОА се стримаше само неговиот говор, без новинарските прашања. 

Прашан за статус-кво ситуацијата со вработените по Рамковен договор кои земаат плата а не одат на работа, Шаќири даде збор дека најбрзо што може ќе ги укине договорите на тие кои ќе одбијат да бидат распределени.

Инаку, Јетон Шаќири е предлог на ДУИ за министер за информатичко општество. Тој по потекло е од Струга. Освен што бил професор на меѓународниот универзитет во Струга, бил и директор на тамошниот водовод и канализација, некогашна „Проаква“.

Шаќири важи за човек од доверба на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, а сега ја добил поддршката во партијата да биде и министер.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста