Јавното обвинителство чека докази за аудио бомбата на Милошоски

Ќе отвори ли истрага Јавното обвинителство за потенцијално незаконското финансирање на телевизијата на Боки 13 во кое е вмешан поранешниот премиер Зоран Заев? Оттаму на прашање на Алфа велат оти Обвинителството за организиран криминал и корупција не ги поседува наводните снимки чии транскрипти беа прочитани во Парламентот.
„Обвинителството во неколку наврати потсетуваше дека непријавувањето на кривично дело исто така е кривично дело. Ги повикуваме сите субјекти што поседуваат било какви докази кои упатуваат на сторено кривично дело да ги достават до Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, велат од Обвнителството.
Вчера меѓутоа, министерката за правда Рената Дескокса го повика Јавното обвинителство да отвори истрага доколку има индиции за кривично дело.
„Јас лично го повикувам Јавното обвинителство доколку има докази па дури и индиции за сторени кривични дела да отвори постапки и да ги процесуира“, рече Дескоска.
За новата „бомба“ која одекна од собраниската говорница се огласи и техничкиот премиер Оливер Спасовски. И тој ги повика институциите да го истражат случајот.
„За сите случаи каде што има криминално однесување како и за овој случај, сакам и повикувам Јавното обвинителство да носи одлуки. Важно е инситуциите да функционираат, да има правна одговорност за секој што го прекршува законот без разлика дали е функционер или е обичен граѓанин“, вели Спасовски.
Инаку, во екот на расправата за Законот за јавно обвинителство на матичната комисија, пратеникот од опозициската ВМРО ДПМНЕ, Антонио Милошоски од собраниската говорница пушти аудио материјал, односно телефонски разговор во кој како што рече се слушал гласот на лице со иницијали З.З. Аудио снимката експресно беше пренесена од интернет порталите:
„Но, му требаат пари во тоа телевизијата и.
Му требаат пари за тоа телевизијата и само прави некои комбинации.
Го прашав „Боки бе од каде бе тие парите за телевизијата“?
Ми вика: „Имав еден фраер од Хрватска и од Циле, (Силјан Мицевски) што му легнаа пари тогаш за тоа старечките домови“.
Ние на неколку пати така му помогнавме во телевизијата, главно за маркетинг, тоа беше уште порано лани октомври – ноември 2018-та година“.
Пратеникот Милошоски вели оти снимката во која се споменува финансирање на телевизијата на Бојан Јовановски обвинет во случајот Рекет, ја добил од укажувач. Според него, токму тој разговор бил доказ оти целта на Законот за јавно обвинителство, кој власта на сила го турка во Парламентот, била скриена амнестија.
Биљана Божиновска