Јавноста врие по објавата дека битката против корона во болниците ја водат со недоволно стручен кадар

Министерот за здравство контра реакцијата на докторите од ковид центарот ГОБ „8 Септември“ кои алармираа дека грижата за најтешко болните пациенти врзани на респиратор им е доверена на недоволно стручни лица. Но, министерот е дециден – за сите пациенти кои дишат со помош на машина во сите болници низ државата се грижеле исклучиво специјалисти по анестезиологија.

„Одговорно кажувам дека секаде каде што има пациенти на респираторна машина или се присутни или се консултираат анестезиолози. Ова е болест која што во најтешката форма ги засега белите дробови на начин на кој што е потребна механичка поддршка. Освен тренираните инфектолози на Клиниката за инфективни болести заради природата на работата и порано за други болести поставувале пациенти на респираторна машина, сега заради поголемиот притисок беа присутни и доктори анестелиолози. Тоа е така и во болницата 8 Септември“, вели Филипче.

Доктори од „8 Септември“ пред камарата на Алфа се пожалија дека целиот товар во борбата со пациентите заразени со корона е врз плаќите на 40-тина интернисти.

„Се знае дека анестезија, реанимација е гранка која што се грижи за интензивно лекување, работа со машини, меѓутоа за жал они доаѓаат како конзилијарни доктори, а целокупниот товар и грижа за пациентите паѓа на интернистите. Болницата има и други доктори кои треба да дојдат како колегијална помош и да се грижат за третман на овие болни“, вели доктор Владимир Ристовски, интернист – кардиолог.

Ова предизвика бура реакции на социјалните мрежи.

„Која е улогата таму на другите доктори? Зошто одат на работа за една до две договорени интервенции? Срамота е некој цел товар да го носи, а другите да одмараат“.

„Ако нема операции што работи анестезија, што работи хирургија? Само едни ли ќе го носат целиот товар, а сите земаат иста плата. Од друга страна барате сестри од 4 година средно да работат со Ковид. Срамота“.

„Персоналот по медицинските центри работи со последни сили ,грижата за пациентите е се помала“, се само дел од реакциите на социјалните мрежи.

Алфа неофицијално дознава оти интернистите веќе побарале од менаџментот на болницата да им наложи на сите специјалисти да се вклучат во работата на инфективното одделение.

Филипче, пак, експресно им одговори дека покрај борбата со корона вирусот, во болницата секојдневно се вршеле прегледи и интервенции и за други болести.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста