Јавноста притисна, Шилегов се повлече, на маса три решенија за Универзална. Каква судбина ќе ја снајде култната сала?

Се повлекува ли скопскиот градоначалник Петре Шилегов од намерата да ја урне Универзалната сала за да гради парк? Откако јавноста жестоко го нападна, тој денеска се правдаше пред новинарите – конкурсот што Градот го објавил за изградба на парк со летна сцена на местото на Универзалната сала, не бил конечно решение, вели Шилегов, туку предлог идеја за која ќе дебатирале со стручната јавност. За судбината на Универзална се разгледувале три опции – реставрација на постојниот објект, негова дислокација или реконструкција, што би значело да се урне старата за да се гради нова културно – уметничка сала. Конечната одлука вели ќе ја донеле граѓаните на референдум.

„Мораме во целост да ги разработиме сите опции за да го најдеме најоптималното решение. Ако не успееме да изградиме како стручна јавност и политичка јавност и јавноста преку медиумите едно заедничко решение, јас сум до таа мерка спремен да откако ќе ги разработиме сите солуции, сите три бидат ставени на референдумско изјаснување на граѓаните на Скопје“, вели градоначалникот Шилегов.

И денеска не стивнуваат коментарите – граѓаните децидни против идејата за парк на местото на Универзалната сала, за која велат оти е белег на градот и треба да остане таму кај што е. Реагираат и културните уметници, но и лица врзани со музичката индустрија. Од Авалон, порачаа оти Универзална треба да остане на истото место, но со намален капацитет од 1000 седишта. Велат, отстранувањето на салата е креативно злосторство.

„Кога мене Петре Шилегов, кој ми е пријател и е градско дете и сум сигурен дека сега ќе ретерира откако ги виде реакциите… тоа што јас би направил, еве бесплатен совет од милион долари им давам, е да се реновира салата, ваква каква што е, но да се смали капацитетот, од 1500 на 1000 за да се отвори поголем простор и фоајето да се направи како одреден музејски простор. И сите генерации да знаат дека во таа сала биле и Брајан Фери и Дејвид Бурн и Реј Чарлс и Тоше дека имал пет концерти“вели Бобан Милошески од „Авалон“.

Во меѓувреме, тече Конкурсот за парк со летна сцена, кој ќе чини шест илјади евра, пари од граѓаните што во градската каса се влеваат преку даноци. Идеите ќе се прибираат до 28 август. По ова, ќе се распишел и нов конкурс, за реставрација на објектот. Колку тој ќе чини Шилегов не знаеше.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста