Јавноста не знае колку ученици и наставници се заразени со корона вирус

Јавноста не знае колку ученици и наставници се заразени со корона вирус или се во самоизолација. Недостигот на информации и неажурноста на институциите кои редовно треба да информираат за состојбата во училиштата отвора сомнеж – дали се крие точниот број на заразени. Во обид да добиеме информации за епидемиолошката слика во училиштата во Македонија , Алфа помина низ  институционалните лавиринти. Институтот и Центарот за јавно здравје и Државниот здравствен и санитарен инспекторат само си ја префрлаат топката – но до сега конкретен одговор не ни дадоа.

Од одделот за епидемиологија во Институт за јавно здравје, поради отсуство на раководителката д-р Кузмановска, не беа во можност да ни дадат информации. Се обративме до директорот на Центарот за јавно здравје колку ученици на ниво на Скопје се заразени. Др Бесим Зекири – не упати во Државен здравствен и санитарен инспекторат, со образложение дека епидемиолозите биле зафатени и имале премногу работа

Се обративме до Инспекторатот колку ученици на ниво на цела држава до денеска се пријавени како заразени со корона вирус и на колку ученици се издадени решенија за самоизолација.

Ќе треба да се обратите во надлежните Центри за јавно здравје односно до Институт за јавно здравје.

Во однос на Вашето барање за бројка на издадени решенија за самоизолација на ученици, Ве информираме дека во системот Мој термин од каде ДСЗИ добива податоци за лабораториски потврдени случаи на ковид-19 и нивни контакти, нема податок дали лицето е ученик – ни одговорија од ДСЗИ.

Колку ученици се позитивни на корона вирус, побаравме информации и од Министерството за образование – но до сега, не добивме одговор.

Во меѓувреме, наставници кои сакаат да останат анонимни, поради страв дека ќе ја изгубат својата работа, алармираат дека директори на некои училишта, не ја пријавуваат до институциите, точната бројка на позитивни случаи.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста