Јавноста критикува, Филипче се правда – министрите и советиците се вакцинирале како критична инфраструктура

Расте револтот на граѓаните, откако по пратениците, на вакциналното столче седнаа и министрите и владините советници иако согласно возраста не им е дојден редот за вакцинација. По премиерот, кинеската вакцина Синофарм ја прими и министерот за здравство Филипче, па најави дека сите министри во Владата веќе добиле термин за имунизација. Вели, по пратениците, одлучивме дека и министрите треба да се вакцинираат.

„Одлучивме Владата да биде една од институциите кои ќе се вакцинира непосредно после Собранието, како институција која е битна за функционирањето на државата, за одржувањето на системот и по тој систем сите министри во следните 10-тина до 14 дена добиле веќе свој термин. Таа национална стратегија која се темели на националните стратегии и принципи на сите земји во светот е еден добар систем и по тој систем треба да се приддржуваме“, вели министерот Венко Филипче.

Социјалните мрежи вријат, граѓаните бурно реагираат оти не се почитува однапред најавениот Национален план, согласно кој приоритет за вакцина ќе добиваат прво повозрасните граѓани. Реагираат дека луѓе во доцните 60-ти години, со бројни хронични болести со месеци чекаат да седнат на вакциналното столче, додека на пунктовите за вакцина, секојдневно се имунизираат млади и здрави луѓе, чија возрасна граница се уште не е дојдена на ред.

„Дали воопшто постои ред во вакцинирањево? Лица на 66 и 67 години, хронично болни со мозочен удар и дијабет, чекаат уште од првиот ден откако се пријавија на сајтот. Уште ги нема никој викнато, а слушам се вакцинираат млади лица под 65 години“, реагираат корисниците на Фејсбук.

За хаосот со процесот на имунизација реагираа и од здруженијата за пациенти со хронични и ретки болести. Тие побараа да добијат приоритет за имунизација, но велат оти добиле само празни ветувања.

И министерот за здравство Венко Филипче, во повеќе наврати тврдеше дека приоритет за имунизација граѓаните добијат според возраста, а не според хроночните заболувања. Тој пред две недели најави и дека бил заокружен процесот на вакцинирање на критичната инфраструктура со имунизацијата на здравствените работници, вработените во градинките, училиштата, армијата, полицијата. Сега Филипче со поинаква реторика, вели паралелно со вакцинацијата на постарите граѓани, сепак продолжува и вакцинацијата на помлади лица вработени во критични институции, меѓу кои и политичарите.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста