Јавниот долг надмина 53,3%

Јавниот долг достигнал 53,3% од БДП на крајот на мај по повлекувањето на парите од меѓународните финансиски институции – потврди министерката за финансии Нина Ангеловска. Ова е пораст од 2,6% на јавниот долг за само два месеци и тоа без позајмените пари преку еврообврзница од 700 милиони евра. Долгот е дополнително зголемен до крајот на јуни, но министерството за финансии се уште не излегува со информации во јавноста за неговата висина.

Државата собрала значително помалку пари во јуни. Буџетските приходи во првите 6 месеци биле пониски за 9%, а расходите скокнале за речиси 10%. Дефицитот се продлабочил на 420 милиони евра или 3,8% од БДП. Ангеловска не е задоволна од бројките, но вели можело да биде и полошо.

Ангеловска очекува економијата да закрепне во третиот и четвртиот квартал и покрај тоа што се очекува продлабочување на проблемите предизвикани од коронакризата. Во буџетот имало доволно пари.

Инаку некои земји веќе им излегоа во пресрет на угостителите и го намалија ДДВ, но македонската влада не размислува за тоа. Ангеловска потврди дека државава нема капацитет да се избори со сивата економија и да си ги наплати даноците во целост.

Според Ангеловска, економијата се движи според пооптимистичкото сценарио. Сите очекуваат економијата да влезе во рецесија. Владата проектира пад од 3,4%, а Светска банка е најголем песимист со проекција за рецесија од минус 4%.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста