Јавниот долг ќе стигне до 6 милијарди евра годинава, за власта тоа не било страшно

Владата преку графички приказ и „црташе“ на јавноста колкав ќе биде јавниот долг и ја уверуваше дека бројката од 6 милијарди евра колку би стасал годинава не била толку страшно. Министерката за финансии објасни дека јавниот долг за 2020 ќе стигне до 6 милијарди евра, што во проценти би значело од сегашните 48,9% на 50,4% од БДП, колку што било предвидено во Фискалната стратегија.

– Јавниот долг во моментов изнесува 5,54 милијарди евра или 48,9 отсто од Домашниот бруто-производ, а до крајот на годинава се предвидува да се зголеми за уште речиси 600 милиони евра и да достигне 50,4 отсто од БДП, како што е и предвидено во Фискалната стратегија 2020-2023 година, рече министерката за финансии, Нина Ангеловска претставувајќи ја новата алатка за јавен долг на постојната интернет платформа отворени финансии (https://javendolg.open.finance.gov.mk/).

За Нина Ангеловска јавниот долг е стабилизиран и покрај тоа што за само 3 месеци се зголеми од 47,7 на 48,9% од БДП, и ќе продолжи да расте. Таа смета дека е добро што не се надминал пропишаниот лимит во фискалната стратегија. Кога ја презентираше новата алатка за јавен долг на интернет платформа отворени финансии, таа дури и ги искара новинарите околу известувањето.

– Новата алатка е најдобар одговор на лажните вести што се шират. Јавноста треба да ги знае сите информации и со проширувањето на платформата за отворени финансии со податоци за јавниот долг тоа го овозможуваме на најтранспарентен начин, рече Ангеловска, која што порача дека надлежните треба да се фокусираат на решавање на проблемите, наместо да се занимаваат со популизам.

Годинава, Владата планира да се задолжи од странски извори за 592 милиони евра, а за отплата стигнуваат 439 милиони евра по основ на странски долгови, што значи дека нето-задолжувањето ќе изнесува 153 милиони евра.

Од домашни извори задолжувањето ќе изнесува 447 милиони евра, а раздолжувањето 265 милиони, што значи дека нето задолжувањето ќе изнесува 182 милиони евра. Или вкупно по двата основа нето-задолжувањето ќе изнесува 335 милиони евра. Што значи јавниот долг за секој граѓанин поеднинечно, покажува подастодокот дека секој од нас должи по околу 3.000 евра.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста