Јавниот долг алармантен – опозицијата предупредува од економска катастрофа

Поразителни економски политики – СДСМ за само четири години власт ја задолжи државата на историски највисоко ниво, алармираат економистите. Анализите на економските експерти од ВМРО ДПМНЕ, кои на отворена панел дискусија ги анализираа економските проекти на власта, покажуваат дека Македонија е во длабока инфлација, јавниот долг од 63 проценти е највисок од осамостојувањето, а прогнозите за економски раст од пет проценти се далеку од реалност, вели членот на ИК, Трајко Славески. „И покрај бомбастичните најави за 8 милијарди евра инвестиции, власта во изминативе четири години не направи ништо за подготовка за реализација на капиталните проекти“, нагласи Славески и додаде дека црвената линија на јавниот долг е премината.

„Треба капацитетите на сите буџетски корисници да се зајакнат, а тоа е пропуштено. Поради тоа Македонија има катастрофално ниво на реализација на капитални инвестиции. Апсорпциската моќ на економијата доколку продолжи оваа Влада во иднина во наредните година две, нема да можеме да очекуваме некое значително поместување во реализација на капиталните инвестиции“, појасни Славески.

Она што загрижува е прогнозата за уште поголем раст на јавниот долг. Со новата Фискална стратегија што ја усвои Владата се предвидува јавниот долг на земјава да се искачи на рекордни 66 проценти од БДП во наредната 2022 година.

Сериозно загрижувачки е и галопирачкиот раст на цените, посебно на струјата која дополнително ќе ја зголеми сиромаштијата. Опозицијата предупредува дека куповната моќ на граѓаните е мала, дури и кај оние за кои власта се фали оти биле нововработени, бидејќи не се доволно платени. Поранешната заменик министерка за финансии во техничката влада, Гордана Димитриеска Кочоска, предупредува дека сивата економија цвета, а младите двојно пвеќе бегаат од државата.

„Ако ја погледнеме стапката на сиромаштија кај вработените, ќе видиме дека таа стапка место да се намалува, таа стагнира што јасно укажува дека овие, таканаречени нови вработени добиваат плата која што е многу мала и која ги влече во сиромаштија, при што одвај врзуваат крај со крај“, потенцираше Димитриеска Кочоска.

Власта се правда дека долгот расте, ама парите се трошеле за продуктивни цели. Долгот ќе се намалел преку поголем раст на бруто домашниот производ но и намаклување на администрацијата.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста