„Јавна соба“ се уште не е исклучена: Тројца приведени, групата продолжува да работи со полна пареа

Три лица приведени за случајот „Јавна соба“. Две од Битола и едно од Велес. Но, сепак групата се уште работи со полна пареа, десетици илјади пораки и десетина илјади фотографии и видеа, од девојки од Македонија, се објавени во групата, за само еден ден.

Групата во моментов брои над 8.000 членови, а во еден момент го мина и бројот од 10.000. Се поставува прашањето дали приведувањето на само три лица, барем засега, може да го реши овој и повеќе од голем проблем. „Јавна соба“ предизвика и бура реакции на социјалните мрежи. Се бара одговорност и за членовите, но и од државните институции.

-Гнасните предатори пак испливаа. јавна соба е реактивирана оти мамлазите од МВР што направија за да спречат?, пишува на Твитер.

ТВИТ: Државата е најкрива за јавна соба, никаква одговорност немаат тие од првата јавна соба… Еееј се споделуваат фотографии од 14-15 годишни девојчина кои им оставаат трајни последици а државата со врзани раце, никаде го нема ова!, пишува на Твитер.

ТВИТ: Се што треба да знаете за Македонија е дека јавна соба издржа повеќе од онлајн платформата, пишува на Твитер.

Во групата се објавуваат и голем број други фотографии, од луѓе кои имаат цел да ги потиснат експлицитните фотографии од македонските девојки, но и се објавуваат фотографии за резервна група, која би требало да ја замени првата Јавна соба, доколку истата биде затворена. Но, и се нудат линкови од српски групи со иста содржина.

-Работи новата, се вели во еден коментар.

-Линк на приватен од групата, се вели во еден коментар.

-Направена нова група пишете директна порака да ви пратам, се вели во еден коментар.

-Кој сака да му дадам линк до српската, има 20 илјади, нека ми пише да му пратам, се вели во еден коментар.

По бурата реакции во јавноста, на итна одговорност за овој случај повика претседателот на државата Стево Пендаровски.

-Доколку не се дејствува сега, се создава можност за креирање на култура на неказнивост за кривични дела со кои се уништуваат животите на илјадници жртви. Како општество, секој од нас треба да покаже солидарност и поддршка на жртвите, да не дозволиме двојна виктимизација. Да дејствуваме веднаш!, вели Пендаровски.

По жестоките реакции, за „Јавна соба“ се огласи и премиерот Заев, вели испратиле категорични барања до Телеграм, да ја избрише групата, а доколку тоа не се случело се размислувало и за забрана за користење на оваа социјална мрежа во Македонија.

-Доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот Јавна соба каде се споделува порнографска и приватна содржина од наши граѓани, како и детска порнографија, ќе ја разгледаме и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во Македонија, сѐ додека не почнат да соработуваат со нас, со единствена цел да се затвори проблематичната група и да ни помогнат во откривање на идентитетот на оние кои споделуваат слики и прават кривично дело, пишува Заев.

Инаку, за новиот случај со Јавна соба, Обвинителството тек ќе разгледува дали имало елементи на кривично дело. Она што повеќе загрижува е што се уште во тек е предистрагата за претходната „Јавна соба“, која беше активна пред точно една година.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста