Јапонски грант од 56.000 евра за подвижен рендген апарат во штипската клиничка болница

Мобилен рендген, тоа е апаратот што штипската Клиничка болница го доби преку грант обезбеден од Јапонската програма GGP. Со него ќе се обезбеди брза и прецизна дијагностика без преместување на повредените пациенти од одделенијата. Најпрвин ќе биде ставен во функција на пациентите со ковид, хоспитализирани на Инфективното одделение, со што ќе се растеретат компјутерскиот томограф и останатите рендген апарати.

 „Можеме доколку и понатаму трае оваа ковид криза да го користиме за детекција на пациенти болни со корона. Кога тој бран ќе заврши ќе може да го користиме секаде каде што ќе имаме релативно неподвижни, но критични пациенти. Во операциона сала, ортопедија, хируршка сала и така натаму„- изјави д-р Ален Ѓеоргијев, директор на КБ-Штип.

Ова е втор за болницата, а шести грант за Општина Штип, рече Амбасадорот на Јапонија во Македонија, посочувајќи дека тие се отворени за поддржка на проекти со кои ќе се подобри социјалниот и економски развој во нашата држава.

„Годинава е потпишам проекти во вкупен износ од 825.000 евра  со кои досегашната јапонска поддржка ќе изнесува вкупно 8,5 милиони евра и ќе се финансираат 171 проект„ –  изјави Савада Хиронори – амбасадор на Јапонија во Македонија.

„Во наредниот период имаме потреби кои сакаме да ги реализираме. Имаме проект во комуналната дејност кој ќе биде во интерес на сите граѓани во Општина Штип„ – изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Со пари од Јапонскиот агенција Џајка Штип се приклучи на ХС„Злетовица, а пред три години штипската болница доби две нови амбулантни возила. 

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста