Јанушев: СДСМ и Заев направиле рекет-машина за купување лиценци за марихуана

Власта на СДСМ и екс премерот Зоран Заев на фирми блиски до нив, за една година им додели 31 лиценца за одгледување канабис, тврди генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ Игор Јанушев. Тој праша дали во игра биле стотици илјади евра кои бизнисмените ги плаќале на блиски луѓе до власта, како би стигнале до лиценца за одгледување канабис. Според Јанушев, во период од мај 2016 до мај 2018 година биле издадени само 5 лиценци за одгледување марихуана за медицински цели и 2 лиценци за екстракција. Лани СДСМ доделила 31 нова лиценца, а уште 20 чекале одлука, вели Јанушев.

-Дали е точно дека цената на една лиценца на Владата на СДСМ и на Заев чини од 300.000 до 500.000 евра, кои се плаќаат директно на рака кај луѓе блиски до власта? За два дена во декември, а на неколку дена пред оставката на Заев, доделени се 10 нови лиценци за производство на марихуана. Значи, 10 нови лиценци набрзина им се доделени на компании што се поврзуваат токму со Зоран Заев. Набрзина, шверцерски и со огромен сомнеж за милионски криминал – рече Игор Јанушев генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ.

Јанушев тврди дека лиценците издадени во 2019 година биле незаконски, а дека СДСМ направиле класична рекет-машина, а бизнисмените биле принудени да ги купат лиценците од Владата за кеш.

Катерина Гетева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста