Јануарските сметки ги изгореа граѓаните, од ЕВН се правдаат со порамнување

Новогодишната честитка на власта задоцни, но удри длабоко во џебот на граѓаните – стигнаа првите сметки за струја, кај многу домаќинства со енормно високи суми – некои плаќаат за 30 или 50 отсто повисока сметка од вообичаено. Граѓаните кои плаќале 3000 сега треба да платат 5000 денари. Домаќинства кои се греат на дрва и имаат соларно, плаќаат речиси 15 000 денари, други за декември платиле околу 5000, а истото домаќинство за јануари повеќе од 11 000.

Лутината кај граѓаните се забележува и на социјалните мрежи – се споделуваат фотографии од сметки и од струјомери. Некои обвинуваат дека бројките на струјомерот за потрошени киловати, не соодвествуваат со бројките на сметките кои им стигнале во сандаче.

Проверувајте си ги сметките за потрошена струја да се уверите како евн ги краде граѓаните. Натпипшуваат киловати на скапата струја. Во случајот се натпишани 100 киловати на скапа тарифа што не одговара на реалната состојба.

Да дојдеа вакви сметки за струја во нормална држава. сега сите ќе бевме излезени на протести а властодршците скриени на тајни локации.

4990 денари сметка за струја. Сите апаратуи штедливи, сите сијалици лед и штедливи – пишуваат граѓаните.

Се обративме до ЕВН – дали се работи за порамнување, или овие сметки се резултат на покачувањето на цената на струјата и енергетската криза.

Поскапувањето секако игра улога, но незначителна, со оглед на тоа што се цената е променета од 1 Јануари и само потрошувачката од 1 јануари е со различна цена. Значи поголема сметка или повеќе киловат часови може да се должи на потрошена електрична енергија, проценка на вредност поради непрочитано броило од повеќе причини, како и порамнување на претходно непрочитана состојба – информираат од ЕВН.

Поради европската енергетска криза, малото домашно производство на електрична енергија но и задоцнетата реакција и неажурноста на власта, од овој месец граѓаните ќе треба да одвојуваат уште повеќе пари за тековните трошоци, од и така испразнетиот џеб.

Адријана Алексиеска

Advertisements