Словенечкото собрание расправа по предлог законот подготвен од партијата на мандатарот Јанез Јанша, за постепено воведување на воен рок во земјата. Законот предвидува служењето војска да стартува од септември, а овој закон е дел и од коалицискиот договор за формирање на новата словенечка Влада. Причина за потребата од задолжителен воен рок според партијата на Јанша е да се зголеми и обучи воената резерва, во момент кога Европа се соочува со нов наплив на мигранти од Турција. Инаку Јанша вчера по трет пат беше избран за словенечки премиер откако обезбеди мнозинство од 52 пратеника во  парламентот. По изборот, тој изјави дека нема да губи многу време и веднаш ќе се зафати со решавање на проблемите на граѓаните. Иако има законски рок од 15 дена да ја состави новата Влада, словенечките медиуми информираат дека тој нема да чека толку и новиот владин состав ќе го објави веќе на почетокот на следната недела.

Јанша, кој е претставник на таканаречената анти имигрантска оска во Европа и се смета за близок сојузник на унгарскиот премиер Виктор Орбан, победи на изборите со ветување на силна економија, реформа на здравствениот систем и заштита на словенечките граници од напливот на бегалци.