Јанкулоска е осудена без докази бидејќи не одбрала да биде слуга на Заев
Врховниот суд ги потврди затворските казни на екс премиерот Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски за набавката на мерцедесот во случајот Тенк. Преку соопштение на веб страницата , рховниот суд информираше дека ги уважува пресудите на Апелација.
Со донесените пресуди Врховниот суд на Република Северна Македонија ги одби поднесените барања на осудените, поднесени лично од нивна страна и преку нивните бранители и ги потврди пресудите на Апелациониот суд Скопје“, велат од Врховниот суд.
Откако Врховниот суд вчера ја потврдил одлуката на Апелацискиот, со тоа автоматски прекинува и решението со кое Јанкулоска доби одложување на издржувањето казна затвор. Но, тоа не значи дека поранешната министерка уште денеска ќе биде спроведена во затвор.
Прво, врховните судии што ја донеле одлуката во кривичниот совет мора и написмено да ги образложат своите пресуди. Најбргу, тој процес би завршил до крајот на следната недела, но најдоцна би можел да потрае и до еден месец.
Откако Врховен ќе ја „напише“ пресудата, таа се испраќа во Апелацискиот суд, па од таму во Основниот кривичен суд. Од скопска „единица“ велат дека кога предметот ќе стигне кај нив веднаш се распределува.
„Предметот оди кај судија за извршување на санкции и судијата ѝ доставува Упатен акт на осудената – кога да се јави на издржување на казната затвор. На тој Упатен акт, согласно законските одредби, осудената има право на приговор или жалба, односно барање за одлагање“
Јанкуловска засега за одлуката на Врховен не коментира, но нејзиниот сопруг за медиумите изјави дека Гордана не е виновна за делата за кои се терети, вели обвиненијата се апсурдни, неаргументирани, и резултат на една хистерија која подолго време се води против неа.
Со став се јави и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил кој обвини дека мафијата на власт потрошила 8 милиони евра за службени возила, но за набавка на едно возило кое го користи истата власт, Гордана Јанкуловска ќе оди во затвор.
„Ја судеа без докази затоа што не одбра да биде слуга во скутот на Заев. Ова не е никаква правда, туку начин да се оттргне вниманието од вистинските скандали, криминали и неуспеси на мафијата на власт, изјави Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Јанкуловска беше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и тука таргетот не е Јанкуловска, туку ВМРО ДПМНЕ. Оваа одлука на судот е ден по раскрвавената глава на Палевски, и откако целокупното судство и истото обвинителство ги пропушти и амнестираше сите скандали на мафијата“, посочува Мицкоски.
Ексминистерката Јанкулоска беше осудена на шест години затвор, а пак, Апелациониот суд и ја намали казната на четири години.
На ексминистерката и се судеше во раздвоена постапка во предметот „Тенк“, бидејќи имаше ризична бременост.Поранешниот премиер Никола Груевски за овој случај е осуден на две години затворска казна, а помошникот во министерството за внатрешни работи Ѓоко Поповски доби намалување од шест и пол на четири и пол години казна затвор во скопска Апелација.
Мери Ѓоргиевска