Јанез Јанша и официјално доби мандат за формирање влада

Конзервативната политичка оска во Европа добива на засилување по изборот на Јанез Јанша за нов словенечки премиер, односно мандатар на новата словенечка влада. Словенечкиот парламент со 52 гласови ЗА, го избра Јанша за нов премиер на државата. Лидерот на десноцентристичката Словенечка демократска партија по седум години повторно застана на чело на владата откако успеа да ја добие поддршката на СМЦ, конзервативната Нова словенија и Партијата на пензионерите, кои му овозможија стабилно владино мнозинство.

По изборот, Јанша изјави дека нема да губи многу време и веднаш по формирањето на владата ќе се зафати со решавање на проблемите на граѓаните.

Јанша сега има законски рок од 15 дена да ја состави новата влада. Словенечките медиуми информираат дека тој нема да чека две недели, а новиот владин состав ќе го објави веќе на почетокот на следната недела.

Јанша, кој е претставник на таканаречената анти имигрантска оска во Европа и се смета за близок сојузник на унгарскиот премиер Виктор Орбан, победи на изборите со ветување на силна економија, реформа на здравствениот систем и заштита на словенечките граници од напливот на бегалци од Азија и Африка.

Практично, со неговото враќање на власт, се засилува моќта на новите конзервативци кои веќе имаат силни упоришта во Унгарија, Словачка, Полска и други земји од централна Европа, но може да биде показател во која насока ќе се движат политичките ветришта и на Балканот, вклучително и во Македонија, каде исто така постои сериозен страв од доаѓање на стотици илјади мигранти. Јанша доаѓа на местото на Марјан Шарец кој 16 месеци беше на чело на малцинска влада во Словенија, но поради слабите и неконкретни политики ја изгуби довербата во парламентот и на 27 јануари мораше да поднесе оставка. Според се, Јанша ќе биде премиер и во 2021 година, кога Словенија ќе го има претседателството со ЕУ, што може да биде о големо значење за Македонија, особено доколку дотогаш конечно ги започнеме преговорите за членство.

Инаку 61 годишниот словенечки премиер беше на чело на словенечката влада од 2004 до 2008 и од 2012 до 2013 година.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста