Јаневска: Студентскиот дом „Пелагонија“ со ново раководство ќе се доведе во ред

Јаневска: Студентскиот дом „Пелагонија“ со ново раководство ќе се доведе во ред

Студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје има ново раководство и ќе биде доведен во ред, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска. На прес-конференција во Битола, таа рече дека проблемот во овој студентски дом е многу сериозен.

-Ние домот го затекнавме со долг од 34 милиони денари. Во овој момент правиме обиди на вработените да им исплатиме плата. Неколку дена има ново раководство, предводено од жена која, се надевам дека како мајка и енергична жена, ќе почне да го доведува домот во ред. Основно е да се обезбедат топла вода, исхрана на студентите и чекор по чекор да се средува понатаму, изјави Јаневска.

Во однос на реконструкцијата на државните домови, министерката соопшти дека „ Министерството комплетно ќе го реконструира и студентскиот дом во Битола, откако ќе заврши реконструкцијата на двата студентски дома во Скопје“.

-За жал, претходно направените пресметки велеа дека со средствата што се обезбедени ќе можат да се реконструираат сите студентски домови во државата, но тоа не е точно и тие се доволни само за двата почнати студентски дома. Оваа Влада обезбеди дополнителен заем за да ги реконструираме сите студентски домови и ќе ги реконструираме сите, но и ученичките домови ќе дојдат на ред за сите да имаат пристојни услови за живот и за учење, рече Јаневска при посетата на средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ во Битола, кое беше промовирано во Регионален центар за стручно образование во Пелагонија.

На новинарско прашање во врска со појавата на сегрегација во одредени основни училишта низ државата, министерката истакна дека проблемот ќе биде надминат со промени во Законот за основно образование.

-Познато е дека нашата држава доби пресуда од Судот во Стразбур за сегрегација на Ромите во Битола и во Штип. Сакам да потенцирам дека државата не прави сегрегација туку физичкото одделување на одделни етникуми, во конкретниот случај ромскиот и македонскиот, е резултат на традиционално живеење во Македонија, и тоа треба да се земе предвид. Ние се обидуваме на Судот во Стразбур тоа да им го објасниме. Но, секако, преземаме и одредени мерки и во новиот Закон за основно образование кој треба да го донесе Собранието и ќе треба да влезе во сила по нова година. Ние бараме да се донесат промени за реонизацијата во одделни градови, не само во Штип и Битола, потоа ќе се забрани префрлање од едно во друго училиште, освен ако семејството се преселило со место на живеење на друга адреса и друго. На овој начин полека овој проблем го решаваме и верувам дека нема да биде горлив во иднина, истакна министерката Јаневска.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста