Јанева втор ден се правда: Од Камчев сакала да направи сведок – соработник

Специјалната обвинителка Катица Јанева сакала од Орце Камчев да направи сведок соработник за нова предистрага. Вака Јанева се правда откако и денеска во италијанска Ла Верита беа објавени трет дел од разговорите во кои се споменува и специјалната обвинителка. Таа, во соопштение до јавноста објаснува – обврска и било да разговара со обвинетите за да издејствува подобри позиции во кривичните предмети. Вели, тоа често се случувало и преку посредници.

„Во конкретниот случај, во тој период, се водеа преговори од моја страна со лицето О.К. да стане соработник – сведок во една нова предистрага која ја водевме во Обвинителството, заедно со еден од моите помошници обвинители“, пиша Јанева во денешното соопштение до јавноста.

Во денешното соопштение Јанева со помек тон, откако вчера предупредувачки најави дека СЈО подготвува нови предмети за високи функционери од претходната и од актуелната власт.

„Откако ќе бидат презентирани десетината истраги подготвени за брзо процесирање, од страна на СЈО многу нешта ќе бидат појасни. Во тие истраги се осомничени и се надевам дека ќе бидат обвинети многу поранешни и сегашни функционери во власта и значајни личности во партиите, па од таму е јасно зошто некој со сите сили и со невидена медиумска хајка се обидува да го загрози мојот и кредибилитетот на СЈО како и на сите други обвинители, а со тоа се обидува да ги уништи кривичните предмети кои се водат во обвинителството“, пиша вчера обвинителката Јанева.

Инаку, специјалната обивнителка уште еднаш ги повика истражните органи побргу да ја завршат истрагата и да ги приберат сите докази поврзани со случајот „Рекет“, за како што вели целосно расчистување на случајот и обелување на нејзиното име.

Биљана Божиновска