Јанева од Шутка ги збуни и загрозените сведоци и обвинителите на СЈО

Катанецот на СЈО што го стави Катица Јанева не само што ги збуни обвинителите, туку им ги разнишале и така малкуте загрозени сведоци кои прифатиле да бидат дел од постапките кои ги отворило Специјалното обвинителство, дознава Алфа.

Последната одлука на државното обвинителство, дека ќе ги преземат предметите од СЈО, ги збунила и загрозените сведоци кои веќе почнале да се колебаат за соработка. Во текот на постапките тие стекнале доверба со обвинителот што досега го водел случајот, но тоа што ги двоуми е преземањето на случаите, односно назначување на нов обвинител, бидејќи повеќе од сигурно е дека сите предмети  нема да завршат во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Последните случувања околу СЈО биле причина за неофицијален интерен договор и меѓу обвинителите од оваа обвинителство кои според нашите информации, пред неколку дена испратиле писмо до Советот на јавни обвинители од каде побарале да им одговорат, какви се нивните ингеренции и како да постапуваат на судењата, од Советот молк. Дополнителна забуна предизвикало писмото на шефицата што го испратила од Шутка, каде е во притвор. Обвинителите може да постапуваат единствено по законот на СЈО, велат од „Рузвелтова“,  од таму се јасни дека тие нема да даваат никакви предмети без некој да им побара, ова го објаснуваат со членот 6 став 5 од законот за СЈО,  бидејќи секоја друга постапка може да ги соочи со кривична одговорност.

Со разрешувањето на Јанева, автоматски завршува и мандатот на сите други обвинители во СЈО. Во скопското обвинителство на работа треба да се вратат Ленче Ристовска, Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи, Артан Ајро, Трајче Пеливанов. Во кумановското Бурим Рустеми и Љубомир Лапе. Единствена обвинителка која може да застапува предмети од организиран е Лиле Стефанова, која пред да премине во СЈО, матично обвинителство и беше за гонење организиран криминал и корупција.

Катерина Гетева