Јанева никаде ја нема, го нема ни нејзиниот втор мобилен, никој не побарал да и се провери боледувањето

Специјалната обвинителка Катица Јанева исчезна од јавноста, а досега никој не се обидел да го провери нејзиното боледување. Од се уште постоечкото Специјално обвинителство и натаму тврдат дека Согласно законот за здравствената заштита секој има право на тајност на податоците што се однесуваат на неговата здравствена состојба, додека од Фондот за здравствено осигурување велат до нив никој не доставил барање за проверка на здравствената состојба на специјалната обвинителка Катица Јанева.

Фондот врши редовни контроли согласно Програмата за контрола која е составен дел од Програмата за работа на Фондот. Најчесто контролата се остварува врз основа на писмено барање на работодавач, на осигурено лице и други надлежни институции. Досега до Фондот нема доставено барање на работодавач или друг надлежен орган за контрола на боледувањето на осигуреното лице за кое прашувате. Во случај на боледување до 15 дена, Фондот нема увид во боледувањата кои се отвораат и издаваат од страна на избраните лекари, а по евентуални барања за контрола, може истата да се изврши.

Во врска со мистеријата околу исчезнувањето на Јанева се јави и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која јавно бара истрага дали таа го фалсификува или злоупотребува своето боледување. Истовремено, поставуваат и други прашања.

Зошто најпрвин поднесе оставка Катица Јанева, за потоа после 2 дена да отвори боледување? Кој е докторот и зошто и отворил боледување на Катица Јанева, која како што знаеме два дена претходно поднесе оставка? Доколку е фиктивно и во насока да ја заштити Катица Јанева, докторот кој го отворил боледувањето треба да е свесен дека ќе одговара за таа постапка. Зошто не се расчистат сомнежите каде се крие Катица Јанева и дали е во или надвор од Република Македонија? Зошто Катица Јанева и нејзиниот син Лазар Јанев се уште не се повикани на распит во ЈО? Сомнежите кажуваат дека токму синот на Катица Јанева, Лазар Јанев одел со Боки 13 на состаноци со рекетираните бизнисмени и заедно со него уценувал – запраша  Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

А додека Јанева е на боледување, неофицијално медиумите објавија дека за неа веќе постои посебна истражна мерка „С“ со која таа ќе биде спречена доколку се обиде да ја напушти државата. Сепак, обвинителката Вилма Русковска, која според планот на Заев треба да ја наследи Јанева во новото споено обвинителство, изјави дека од страна на ЈО не е побарана посебна истражна мерка за Катица Јанева. Дополни дека веќе има наредба за вештачење на одземениот телефон на Специјалната, кое би било завршено до понеделник, додека вториот мобилен на Јанев се уште не пронајден.

Драган Милосављевиќ