Јанакиески со повреда на ногата и со полиција спроведен на суд

Со ортопедски помагала и полиција Миле Јанакиески дојде на рочиште за случајот ,,Топлик”. По наредба на судијата Осман Шабани, и покрај тоа што Јанакиески доставил медицинска белешка дека не може да присуствува на рочиштата  до седми февруари бидејќи има повреда на ногата и имал хируршка интервенција, екс- министерот за транспорт беше спроведен до скопскиот Кривичен суд од полицијата.

Одбраната на Јанакиески, на почеток од судењето побара од судијата Шабани, барем да го праша обвинетиот дали се чувствува добро, со оглед дека тој седи во средина на судницата со испружена нога поради повреда. Судијата Шабани на тоа одговори „Штом  го спровеле значи е способен“.  Шабани и ги одби сите докази на одбраната, по барањето на обвинителот Бурим Рустеми, а со тоа Јанакиески не изведе ниту еден доказ пред завршните зборови за случајот. 

Бранителот на Јанакиески, Еленко Миланов вели дека и покрај тоа што имаат две спротивни вештачења судот не дозволил да се направи едно супервештачење од независни лица кое било барање на одбраната. За адвокатот, обвинителството сака да докаже дека има материјална штета што е изразена во законска затезна камата и не може да се смета како штета.

Од друга страна економското вештачење кое што е направено но не излезе на виделина е дека со скратувањето на рокот за исплата на таа камата со евентуалното користење на благајнички записи или кредит од страна на државата за овие средства што ги користи во тој период, износот кој државата би требало да го плати за обезбедување на средства во буџетот наместо да ги користи овие средства е повисока од она што е исплатено како законска затезна камата за вака скратениот рок-објасни Миланов.

Во вербалните докази одбраната бараше да бидат обезбедени тројца сведоци, и тоа Сашо Срцев, Владимир Пешевски и Ацо Костадиновски. Во образложението судијата Шабани рече дека не може да бидат прифатени дополненијата на доказите на Јанакиески бидејќи тие веќе се користеле во главната расправа и од нив не произлегуваат нови околности. Завршните зборови за случајот „Топлик“ се закажани за 9-ти февруари.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста