Извртена логика на ЕСМ – купи поскапи продај поефтино

Нелогична трговија. Се продавало поевтино, а се купува поскапо. Интервентниот увоз на струја полека го празни буџетот на државните електрани. За да се покријат потребите за струја за 3 недели во ноември, компанијата купи електрична енергија по цени од 48 до 56 и пол евра за мегаватчас. Од друга страна, кога летово ЕСМ ги продаваше вишоците на струја, тоа го стори по многу пониски цени. Просечната цена по која се продадоа количините изнесува 43 и пол евра за мегаватчас. На првата аукциска продажба во јули, биле продадени 55.800 мегаватчасови струја по цена од 44 евра. За истите количини во август била постигната нешто пониска цена од 43,2 евра. Симптоматично е тоа што продажбата продолжи и во септември и покрај тоа што тогаш веќе на големо се зборуваше дека сушата ќе удри врз енергетските капацитети и сериозно ќе го наруши производството на електрична енергија од хидроцентралите. Во септември била продадена помала количина од 32.400 мегаватчасови струја, но по највисока цена од 44,32 евра.  ЕСМ од продажба на струја годинава успеала да заработи над 6 милиони евра. Од компанијата велат дека извозот бил многу поголем претходните две години.

„АД ЕСМ во текот на 2018-та година продаде вишоци електрична енергија во вредност од 21 милион евра. Во 2019 год. продаде вишоци во вредност од 17.5 милиони евра. Сите продажби на електрична во текот на 2020   година   се   на   фирми   трговци   и   снабдувачи   регистрирани   во Р.СевернаМакедонија. Согласно   плановите   за   производство,   термоелектраните   имаат   реализација   од82,15%, хидроелектраните 82,15%, и ветерниот парк 110,64%“ велат од ЕСМ.

Овие 6 милиони евра заработка од продажба и тоа како брзо се трошат. Само во ноември беа потрошени третина од овие пари, односно речиси 2 милиони евра.  Во два наврати во ноември се купија поголеми количини струја по цени кои се и до 18 евра повисоки од производната цена на ЕСМ од 38,8 евра за мегаватчас. Поради големата разлика во цените, загубите само досега изнесуваат половина милион евра.

И додека метеоролозите најавуваат продолжување на сушниот период до крајот на годинава, се поизвесно е дека увозот на струја ќе продолжи и во декември. Хидролошката состојба е алармантна. Најзагрижувачка е состојбата на Преспанското Езеро чиј водостој е за 44 сантиметри под законскиот минимум, додека нивото на Охридското Езеро е за 1 сантиметар под најниската кота. Единствено Дојранското Езеро е над просекот во ноември. Водостојот на реката Вардар во последниве 10-тина дена, кај Јегуновце е паднат за 4 сантиметри, кај Велес за дури 35, а кај Демир Капија за 14 сантиметри. Слаби и под минимумот за овој месец се и водостоите на реките Црн Дрим, Црна Река, Крива Река, Треска, Лепенец, Пчиња, Сатеска.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста