Извршителите почнаа со блокирање, на располагање им се сметките од граѓаните и компаниите, синдикатите бараат правда

По пауза од речиси четири месеци, околу 33.000 нови предмети добија амин за извршување, а над 100.000 се обработуваат кај нотарите, вели за Алфа синдикалецот Марјан Ристески, кој не ја исклучува можноста дека за само овие два дена, бројката на блокирани сметки да е трицифрена. Рече ако новата Влада не направи ништо за луѓето кои се дојдени до питачки стап, ќе излезат на улица, многу помасовно од порано.

– Искрено, само за овие неколку дена, огромен број на грѓани се јавуваат и прашуваат каква е ситуацијата. Јас ќе кажал многу лоша, зошто, затоа што ова што ќе се прави со луѓето што немаат ни денар, не води на арно. Со формирањето на новата Влада, ќе побараме да се актуелизира ова прашање и да се стави ред и крај на ова малтретирање. Морам да кажам дека околу 33.000 нови предмети добија зелено светло за извршување, а над 100.000 се обработуваат кај нотарите, по што ќе се пратат кај извршителите, вели за Алфа синдикалецот Марјан Ристески.

Извршителите од сега освен што продоилжуваат да ги извршуваат блокираните сметки на граѓаните и фирмите, ќе блокираат и нови долгови, а продолжува и продажбата на запленетите недвижности.

Граѓанските здруженија се категорични, велат Владата мора да го стопира извршувањето додека трае економската криза.

– Кај нас од 10 денари сметката станува 10.000 денари, од 100 евра станува 10.000 евра. Значи луѓево овде не може да живеат, поготово сега за време на пандемија, кога немаат денар скршен, вели Ристески и додаде дека не може да им се дозволи на извршителите да прават што сакаат.

Во меѓу време, иако имаа законска можност да побараат стопирање, ниту банките ниту компаниите кои нудат режиски услуги, до сега тоа не го направиле.

Од Комората на извршители се децидни дека никој од нив не побарал одложување на извршувањата. Велат дека иако извршувањето од сметките на граѓаните и фирмите било запрено со владина уредба, сепак целосно не била стопирана пресметката на каматата, што значи дека по завршување на грејс-периодот вратениот износ ќе биде зголемен. Од таму пак смируваат дека граѓаните кои изгубиле работа или добиле намалена плата на минималец од 14.500 денари, нема да бидат извршувани.

Инаку, според податоците до март биле блокирани над 106.000 сметки, од што 26.000 биле на правни лица, а 80.000 на граѓани.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста