Извештај на ЕК: Одлагањето на преговорите влијае врз Македонија

Македонија и официјално повторно извиси за почеток на преговори за влез во Европската Унија. Последниот извештај на Европската Комисија покажува дека Македонија има ограничен напредок во слободата на изразување, судскиот систем е „умерено подготвен“ за влез во Унијата, исто како и борбата против корупцијата и криминалот. Оценките на Комисијата се генерално позитивни за политичкиот амбиент, но не се регистрирани сериозни подобрувања.

Во врска, пак, со условите во затворите, од Македонија се бара да ги подобри, но и да ги зајакне алтернативите за затворски казни. Во делот на зајакнувањето на демократијата , владеењето на правото, и борбата против корупцијата, но осврнувајќи се на последните локални избори, Европската Комисија констатира дека напредокот е ограничен во делот на спроведувањето на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и венецијанската комисија. Се бара изборното законодавство и усвојувањето на релевантните закони да бидат финализирани навремено и на инклузивен начин. Комисијата го поздравува ангажманот на опозициските партии во Собранието, но пак го вперува прстот во носењето закони на брза лента во законодавниот дом. 

„Власта треба да продолжи со реформскиот момент и да се фокусира на спроведување на постоечката законска рамка наместо да започнува спорадични нови иницијативи. Навремена и суштинска имплементација на реформската агенда бара постојана поддршка од општеството во целост“, се наведува во извештајот.

Што се однесува до јавната администрација европската комисија констатира “малку напредок” во финализирањето на хоризонаталната функционална ревизија на државната администрација која е важно да биде усвоена од власта.

Македонија е поздравена во делот на усогласувањето на својата надворешна политика со таа на ЕУ со стапка од 96 отсто, што претставува зголемување од два процентни поени во споредба со 2020 година. Но одлагањата во официјалниот старт на преговорите за членство имаат негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ, предупредува европската комисија.

Пакетот за проширување, кој што денеска ќе го презентира еврокомесарот Оливер Вархеји,  ЕК го објавува еднаш годишно и е најважниот документ што укажува на состојбата во сите области, го оценува исполнувањето на економските и политичките критериуми и дава препораки за понатамошни реформи на земјите на патот кон членство во Унијата.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста