Изневерените македонски тутунари ќе ги „спасува“ Али Ахмети ?!
Разочарани од досегашните бројни неисполнети ветувања дадени од министерот Хоџа и од премиерот Заев, а уверени дека без амин од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, не може да помине ниту една одлука на Владата, македонските тутунари, преку отворено писмо бараат „спас“ лично од него, но и од првиот вице-премиер, Артан Груби. Велат, Ахмети бил 20 години во власта, но ниту еднаш не се заложил за решавање на било кој реален проблем на граѓаните, туку дека сите Албанци ги држел на национализам.
„Али Ахмети е во власта 20 години. Знаеме дека ниедна одлука без него не поминува. А тој ги држи сите Албанци само на национализам. Никогаш збор не кажал за земјоделците, за тутунарите…Писмото ни е со таа намена – да се освестат и луѓето што го гласаат дека само на национална основа добива во државава, а никогаш реални проблеми не ставил на маса да се решаваат..Али Ахмети 20 години го замајува албанскиот гласач“, – ни изјави за Алфа, Игор Мирчески од ИО на незадоволните тутунари, објаснувајќи дека повеќе нема да дава тонски изјави, пред се заради веќе се поочигледното неединство помеѓу тутунарите.
Од ИО се убедени дека доколку лидерот на ДУИ се заземел за решавањето на нивните проблеми, резултатите сигурно ќе бидат постигнати. Ова, уште повеќе што општина Долнени, која е и најголем производител на тутун во државава е под „капата“ на ДУИ.
Во меѓувреме, министерот Хоџа, за в среда, им закажал нова средба на тутунарите со откупувачите. Но, членовите на ИО се поделени и по однос на ова, бидејќи се убедени дека новите средби биле само купување на време, оти откупот на тутунот завршува за еден месец. Затоа, како што појасни Мирчески, сега, последна и единствена надеж им бил Али Ахмети, заедно со неговиот сопартиец, кој е и прв заменик на Заев, Артан Груби.
Каролина Дурло