Измрзнаа овошките во Тиквешијата, овоштарите во паника бараат помош од државата

  Се наговестува ли уште една тешка година за македонските земјоделци?! Незапамтените пролетни минусни температури, целосно ги измрзнаа: кајсиите, праските, јаболката, дуњите, црешите, сливите во Тиквешијата. Овоштарите во паника. Стравуваат дека ништо нема да спасат од годинашниот род, особено, без помош од државата.

  „Само овошје имам, негде околу 30 хектара…Една кајсија немаме, праска, цреша, така да катастрофата овде кај нас е 1000 посто, не 100 посто…Значи, страшна работа е ова. Не се памти овде, старите луѓе што се, не се памти вакво нешто да измрзне се, значи сето овоштарство измрзна, ќе немаме, што викаат старите, ќе немаме, една кајсија, една праска за лек“, – вели Владо Орданов, овоштар од с. Сирково.

 „Обработувам некаде околу 7 хектара, пола лозје, пола овоштарник. Ама, еве гледате што се случи минатата вечер. Мислам дека штетата е стварно, измрзнувањето е големо, 100%, не 100%, туку 1000 %. Од толкава површина нема ни за јадење да остане, а не за пласман…“, – вознемирено раскажува Ангел Ѓошев од с. Сирково.

 „Вакво измрзнување не паметат ни нашите дедовци. Ова измрзнување е – на нула сме сведени…Тешко, тешко, претешко е…уште ова ни требаше“, – посочува Трајче Душкоски од с. Трстеник.

   Земјодлеците од Тиквешијата имаат и друг сериозен проблем. Заради административни процедури, земјоделското земјиште не им е легализирано, па заради тоа, не можат да земаат ни субвенции, а ни помош, иако, особено сега, таа државна помош им е насушно потребна.  

  „Имаме договори, се’ имаме, но ни велат има судски спор.  Претходно тој што ја купил Задругата, па не било решено таму со нив…Ги имаме договорите, па јас тие договори ќе му ги дадам на пратениците да ги однесат на премиерот, а мислам дека премиерот е од земјоделска фамилија, од земјоделско место и мислам дека ќе ни излезе во пресрет да не’ легализира“ – бара Владо Орданов. 

   Во пресрет на барањата на очајните тиквешки земјоделци им излезе пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Јованчев.

   “Прво што ќе побарам е двојно зголемување на субвенциите по хектар површина…Потоа, во атарот на село Сирково има доста земјоделци на кои се уште не му е легализиран имотот, односно е во фаза на легализација….Од овде упатувам апел до МЗВШ да ги убрзаат тие постапки..за луѓето да дојдат до тие договори за да можат да го остварат ова право на субвенции“ – рече пратеникот Зоран Јованчев.

  Освен ова, пратеникот Јованчев, со оглед на новонастаната состојба, се обврза дека од МЗВШ ќе побара и субвенционирање на престојните трошоци на земјоделците за наводнување на овошните насади.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста