Измените на изборниот влегоа во собранието, се очекува да бидат усвоени пред летната пауза на пратениците

Во Собранието се изгласа потребата од измени и дополнувања на изборниот законик на само неколку месеци пред одржување на изборите. Со 81 глас, пратениците решија дека предлог законот ќе биде разгледуван и дебатиран во сорбаниските тела. Она што го нуди овој предлог закон е минималниот број потписи што би биле неопходни да се соберат за независна листа или кандидат за градоначалник да се 2 отсто од бројот на избирачи во таа општина.

Помалите партии, но и граѓанските здруженија реагираат на предлог законот, велат прагот е превисок.

Граѓанските здруженија посочуваат дека за регистрирање на партија се потребни само 1000 потписи, но да се соберат потписи за кандидатура на независна листа бројката за Скопје е речиси 10 000, што е небулозно.

Со реакција се јави и претседателот на државата Пендаровски.

Доколку сепак во овој период се оди со измени, став на претседателот е, тоа да биде со поширок политички и општествен консензус постигнат не само меѓу власта и опозицијата, туку и со релевантните организации од граѓанскиот сектор. Во врска со најавениот предлог за измена и дополнување на Изборниот законик, во делот кој би пропишал независните советнички групи да треба да соберат потписи од два проценти од вкупниот број на избирачи запишани во една општина, претседателот Пендаровски смета дека треба да се предвиди понизок праг со цел да се овозможи поголемо учество на граѓаните во изборниот процес“, наведуваат од кабинетот на Пендаровски.

Министерот Маричиќ сепак очекува промените на изборниот законик да се донесат до крајот на месецот, вели добро е да се вментат отворените листи, и дека ваквиот модел е резултат на компромис на политичките партии. Прагот според него е достижен. Се надева дека нема да има блокади во Собранието.

Не мислам дека се блокира чија било иницијатива, бидејќи прво знаеме дека имаме регистрирано и многу политички партии коишто имаат право без никакви потписи да кандидираат свои листи. Независните кандидатури можат да се остварат, тоа не се недостижни бројки во многу општини. Меѓутоа, тоа ќе зависи и од иницијативноста и од желбата на граѓаните да поддржат независни листи, така што мислам таму каде што има навистина желба не се недостижни бројките и можат да се достигне прагот од два проценти, рече Маричиќ.

Со реакција се јавија и од ВМРО-ДПМНЕ,велат дека поддржуваат измени и дополнувања на изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ-ОДИХР со кои ќе се овозможи поголема транспарентност на изборниот процес и поголема ефикасност на изборните органи, но пред се поголема можност за избор на граѓаните со непосредно гласање за посебно по една личност –кандидат од секоја предложена листа на партиите и независните листи на кандидати.

Ваквата опција за отворени листи овозможува поголема демократија во која личноста на кандидатот, а не само партијата ќе бидат избирани од страна на граѓаните да одлучуваат за нивната општина.

Дополнително, со измените на законот се доуредуваат аспектите на изборната кампања, времето на рекламирање, роковите, содржината и постапката на доставување на финансиските извештаи, и други процеси поврзани со изборниот процес, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку освен промена на прагот на собирање потписи, новина е имплементирањето на отворени листи а за некој да биде избран ќе му бидат потребни три проценти од запишаните избирачи.

Meри Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста