Изложба на древни традиционални носии во Бигорски Манастир

Во следните два месеца Бигорскиот Манастир ќе биде домаќин на отворена изложба на древни традиционални носии од дебарско-реканската етнографска целина. По денешната богослужба на манастирската слава, Иванден, 7 јули љубителите на македонската традиција ќе можат да ги погледнат 11-те комплети на македонска носија.

Оваа изложба е плод на повеќегодишната соработка на бигорскиот игумен, Архимандрит Партениј, со ансамблот „Македонија“, предводен од неговиот уметнички менаџер, проф. д-р Владимир Јаневски.

На изложбата ќе бидат претставени носии на Мијаците од областите: Река, Азот и Железник, како и носии од Дебарско Поле, Голо Брдо, Дебарски Дримкол и Горна Река. Станува збор за најстар носии, коишто хронолошки можат да се следат од 17 до 19 век.

Најголем број од носиите се невестински, но има и момински. Како посебна занимливост се две најстари горни облеки од Горна Река и од Мијаците од Крушево.