Изградбата на пред пет години ветениот, а се уште нереализиран нов театар во Прилеп и понатаму чека подобри времиња ?!

          Прилепските театарџии кои со години работат во субстандардни услови и понатаму остануваат со пустата желба за изградба на уште пред пет години ветениот нов театар. Со промената на централната власт во 2016-та година и на локалната во 2017-та година, на прилепските театарски работници им беше ветено дека во наредните четири години, тие, конечно ќе влезат во новиот храм на театарската уметност кој, според идејниот проект треба да биде сместен во ЦК „Марко Церпенков“. Последното ветување околу изградбата на новиот театар, го даде, сега веќе екс- премиерот Заев, уште во декември 2020-та година од центарот на градот во кој патем, веќе 56 години се одржува и единствениот  МТФ „Војдан Чернодрински“. Тој тогаш, оптимистички најави дека во 2021 година ќе се започне со изградбата, што пак, до овој момент не е случено.

„Во моментов се трансферираат 4,5 милиони денари на сметка наменска, посебна на Прилеп за изработка на главниот проект за театарот кој што следната година ќе почне да се гради“ – изјави Зоран Заев, на 19-ти декември 2020-та година.

   Според некои неофицијални информации до кои дојде Алфа, досега единствено, била завршена тендерската постапката за избор на изведувач на  проектната документација за надградба, реконструкција и изградба на театарот во просториите на НУЦК „Марко Цепенков“. Изведувачот, наводно бил избран и станувало збор за извесна фирма од Скопје. Со цел да ја провериме оваа информација ја побаравме в.д. директорката на НУЦК „Марко Цепенков“, во чиј склоп работи и НТ „Војдан Чернодрински“, Јасмина Мицовска – Станкоска, која заради оправдано отсуство, повеќе детали ни најави за в понеделник.

  И додека ветувањата околу изградбата на новиот театар се уште се останати само на ветувања, прилепскиот театарски ансамбал, кој патем е еден од најуспешните и најнаградуваните театри како во земјава, така и во странство, продолжува да работи во очајно лошите услови од еден век старата зграда на НТ „Војдан Чернодрински“, каде не постојат ни елементарни услови за професионална театарска дејност, за што пак, прилепските театарџии, неброено многу пати и јавно реагираа до надлежните институции.

   Инаку, со завчерашното конституирање на старо-новата Влада, ресорот култура го презеде и нова министерка. На местото од  Ирена Стефоска дојде Бисера Костадиновска – Стојчевска, која всушност е и петти министер за култура откако СДСМ е на власт. А изгрдбата на новиот театар во Прилеп е во надлежност на Министертсвото за култура.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста