Изгласана резолуцијата со која 11 јули се прогласува за ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница
Генералното собрание на Обединетите нации ја изгласа резолуцијата со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Осумдесет и четири држави гласаа „за“, 19 беа против, а 68 земји беа воздржани.
Резолуцијата беше предложена од Германија и Руанда и спонзорирана од уште 34 држави, меѓу кои и Македонија. Иако Србија не е означена како виновник, тоа не го запре силното лобирање против резолуцијата од страна на лидерот на Република Српска, Милорад Додик и српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Дали оваа резолуција донесува некакво помирување? Не тоа воопшто не е случај? Дали донесува помирување во регионот? Воопшто не. Го прашувам постојаниот претставник на Германија, зошто се криеја сите подготовки за оваа резолуција? Знаете ли што нависина се случи на 24 март во Советот за безбедност? Ни рекоа да не гледаме во минатото, а два дена по тоа откривме дека се подготвува ваква резолуција, но која се однесуваше на настаните кои се случија пред 29 години. Кога тие имаат политички потреби можат, а кога некој друг ќе се спомене во тој случај фактите не се важни. На кого му е потребна оваа резолуција и зошто баш во овој момент? Зошто тие луѓе не говореа за геноцид кои го сторија нивните земји“, рече Вучиќ.
Додаде и дека Резолуцијата нема да придонесе за зајакнување на довербата, туку ќе отвори стари рани и ќе донесе нови поделби во регионот и во Обединетите нации.
„Бев во Сребреница и им се поклонив на бошњачките жртви, но за малку ќе бев линчуван. Зошто се носи резолуцијата кога станува збор за индивидуална одговорност и сите одговорни се веќе осудени“, изјави Вучиќ пред гласањето.
Српскиот претседател изрази и надеж дека сите други геноциди во согласност со резолуцијата од 2015 година ќе бидат признати, вклучувајќи го и геноцидот над Србите во Првата светска војна.
„Србија беше број еден во светот по бројот на жртви пропорционално по својата големина и бројот на население, со 28% мртви, втора беше Франција. Бевме меѓу ретките во југосточна Европа, плативме голема цена. Повеќе од половина милион Србие беа убиени. Што не почнаа со таа резолуција? Затоа што ова им беше потребно во овој момент. Германската претставничка рече дека подеднакво жали за сите жртви, а зошто таа реченица ја нема во оваа резолуција? Дали ова ќе направи поделба во регионот? Да поделбата ќе биде се подлабока. Дали оваа резолуција ќе воспостави мир во иднина. Имам големи сомнежи во тоа“, додаде Вучиќ.
Истовремено во Србија напладне по благослов на патријархот Порфириј биеја камбаните во сите православни храмови, повикувајќи го верниот народ на молитва, смиреност, меѓусебна солидарност и непоколебливост во правењето добро и покрај целосно лажните и неправедни обвинувања на кои се изложени во ОН. Паралелно во Белград и градовите во Србија на билбордите е истакнат текстот „ние не сме геноциден народ“- горда Србија и Српска, а ист текст е поставен и на кулата Белград.
Во групата на земји кои ја поддржаa Резолуцијата, покрај Македонија се и Црна Гора, Хрватска, Бугарија и Словенија. Доколку Резолуцијата се изгласа со просто мнозинство, Србија и Србите ќе бидат прогласени за геноциден народ.
На 11 јули 1995 српските сили влегоа во Сребреница, која беше под посебна заштита на ОН и издвоија повеќе од 8.000 муслимански мажи и момчиња, кои потоа беа убиени. И Србија и Република Српска негираат дека во Сребреница се случил геноцид, иако така беше утврдено од два суда на ОН.