Изедначени акцизите на црвената нафта и дизелот

По големиот притисок на бизнис заедницата, Владата конечно реши да ја изедначи акцизата на екстра лесното масло, односно црвената нафта и акцизата на дизелот. Одлуката беше донесена на вчерашната владина седница.

Ова значи дека екстра лесното масло ќе поскапи за 10 и пол денари, односно место сегашните 41 ќе чини 51 и пол денари по литар – скоро исто колку дизелот кој се продава за 52 денари за литар.

Цената на црвената нафта може да ја надмине онаа на дизелот во иднина бидејќи според Правилникот за формирање на највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати, за неа, надоместокот за премија со вклучени транспортни трошоци до склад во Македонија што им следува на трговците, е малку поголем.

Со овој потег треба да се спречат злоупотребите на користењето на екстралесното масло, кое наместо за греење, се употребуваше како погонски гориво за возила.

Сепак, компанијата Макпетрол потенцира дека пред истекот на важноста на оваа одлука, новиот собраниски состав треба да направи измени во Законот за акцизи и за еднаш засекогаш да се реши овој проблем.

Во Македонија лани биле продадени 643 илјади тони дизел и 44 илјади тони нафта за греење, односно околу 54 милиони литри.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста