„Издишаа“ ли надлежните во борбата против корона пандемијата?

Корона пандемијата повторно зема замав, бројките растат, болниците се полнат, а надлежните како да пропаднаа в земја. Повеќе од 15 дена ресорниот министер не се обратил на тема здравство, а нема ниту трага од членовите на Комисијата за заразни болести. Докторите не кријат дека мерките не се почитуваат и оти младите во трка да бидат дел од ноќниот живот не ретко користат лажни ковид сертификати за да влезат во угостителските објекти. Стручната фела алармира дека допрва не чека бурна ковид зима.

„Не применувањето на превентивните мерки малку порано ќе доведе до многу силен ивицијален бран на Ковид, посебно со Делта варијантата, пример кој што го видовме во Словенија, во Хрватска, во Германија па и во Русија, кога практично бројките на новозаразени за 24 часа се дуплираа. Тоа е силен удар за здравствениот систем, да не заборавиме дека здравствените работници се преработени, они се уморни, веќе се на крајот на своите сили“, вели доктор Злате Мехмедовиќ.

Од друга страна, пак докторите реагираат дека термини за тестирање нема и оти бројот на ковид случаи од дневните статистики на Министерството за здравство не бил реален бидејќи како што велат голем дел од граѓаните правеле брзи тестови во домашни услови и тие не биле регистрирани во билтенот.

„Јас мислам дека сега ние имаме над 1000 на ден, не се регистрираат сите. Прво треба сам да плати, второ има лесни случаи заради вакцините, лак младите има многу лесни настинки. Ново од минатата година е што има релативно ефтини тестови во аптеките, значи сами испитуваат и ако испадне позитивен ако е некој млад човек нема никој да го пријави, се надевам ќе биде во изолација но нема да биде во таква строга изолација“, вели микробиологот Никола Пановски.

Последната одлука за корона мерките, донесена помеѓу два изборни циклуси не се однесуваше на затегнување, туку на нивно олеснување – Власта дозволи со работа да почнат ноќните клубови, кои беа затворени повеќе од една година. Од друга страна, инспекциски контроли нема, а се забележува дека пред повеќето молови нема ниту редарски служби кои проверуваа дали граѓаните се вакцинирани против корона вирусот.

За разлика од Македонија, соседните земји веќе ги затегнуваат мерките за заштита од корона вирусот. Така Србија го скрети работното време на угостителските објекти, казината и обложувалниците до полноќ, а за влез во овие објекти по 20 часот посетителите ќе мора да прикажат ковид сертификат. Таму и учениците одат на принуден распуст до 12 ноември.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста