Изборите во Америка со гласање по пошта ? – Трамп смета дека таквото гласање би било злоупотребено

Поради пандемијата се очекува милиони Американци да гласаат по пошта на изборите во ноември, а се повеќе сојузни држави ги зголемуваат можностите за ваков начин на изјаснување на граѓаните. Но, кои се ризиците и колку е безбедно ваквото гласање?

Претседателот Доналд Трамп смета дека гласањето по пошта може да биде злоупотребено – да ги зголеми неправилностите и да го одложи сумирањето на резултатите.

„Нема да ги знаете изборните резултати со недели, месеци, можеби и години. Можеби никогаш нема да го дознаете изборниот резултат. Затоа сум загрижен. Тоа ќе биде лажирано.“ – вели  Доналд Трамп, претседател на  САД.

Експертите по ова прашање велат дека можноста за изборни измами е многу мала иако постојат бројни логистички и безбедносни предизвици како регистрирањето на гласачите и обезбедување на гласачкото ливче.

„Некогаш слушаmе за ситуации дека празни гласачки ливчиња биле испраќани, без никаква контрола, но тоа едноставно не е така.“- изјави Еди Перес, Организација за техничка поддршка на изборите во САД.

Процесот, според експертите, исклучува можност за грешки. Граѓаните добиваат гласачко ливче и посебен плик. Откако ќе ги пополнат ги праќаат по пошта или ги оставаат во специјална кутија наменета за тоа. Во центар за собирање на податоците компјутерски се проверува дали потписот на пликот се совпаѓа со потписот на гласачот кој го има во системот.

„Личните податоци на гласачите се одвоени од нивниот глас, што е клучен чекор во нашата демократија во заштита на тајноста и на приватноста на гласовите.“- изјави Еди Перес.

Какви било грешки, на пример, ако недостига потпис или ако тој е погрешен, се испраќаат на разгледување кај специјален тим за таа намена.

Анкетите покажуваат дека се повеќе Американци сакаат да гласаат по пошта во ноември, но има подвоеност околу тоа дали тоа е навистина сигурно.

„Демократите е поверојатно одошто Републиканците да кажат сега дека сакаат да гласаат по пошта.“ – кажа Кетрин Бома, Американски институт Ентерпрајз.

Зголемувањето на учеството на гласачите во некои сојузни држави би му помогнало на Бајден. Во други, како што е Флорида, се очекува корист да има Трамп. Сепак, некои истражувања покажуваат дека гласањето по пошта не и дава предност ниту на една партија.

„Искуство на гласање по пошта и во отсуство го покажува тоа. Ако се дозволат дополнителни начини на гласање ќе се зголеми излезноста и за Демократите и за Републиканците за по околу 8 процентни поени.“- вели Стивен Молрој, професор по право на Универзитетот на Мемфис.

САД имаат долга историја на гласање во отсуство. Започнало во 1864-та кога и двете страни од Американската граѓанска војна им дозволиле на војниците да гласаат за претседател од боиштата. Оттогаш, некои држави имаат дозволено гласање во отсуство поради воена служба, инвалидитет или патување на денот на изборите. Орегон беше првата држава која тоа го направи стандардно во 1998-та. По неа истото го сторија и Колорадо, Јута, Вашингтон и Хаваи. Поради пандемијата се повеќе сојузни држави размислуваат да им дадат опција на граѓаните – да изберат меѓу гласање лично или гласање преку пошта.

За Алфа од Гласот на Америка, Никола Крстиќ

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста