Зошто Ковачевски не се појави на годишнината на Холокаустот во Скопје?!

Ниту премиерот Димитар Ковачевски, ниту неговите четворица заменици не беа дел од одбележувањето на годишнината од Холокаустот и депортацијата на македонските Евреи на споменикот во скопскиот монопол кои ја спроведувале бугарските фашистички окупатори. Наместо нив единствено министерот за транспорт Бочварски и министерката за култура Костадиновска се поклонија пред споменикот во Скопје, но не кажаа ниту збор за овој значаен настан од македонската историја, а ниту пак дадоа изјави за медиумите. Алфа ги постави прашања и до владината прес служба зошто никој од првиот ешалон на владата не ја удостои еврејската заедница со свое присуство, што не беше случај досега, но и дали ваквиот однос значи дека власта во духот на добрите односи ја омекнува реториката кон Бугарија, која патем треба да се извини за она што е направено врз македонските Евреи.

Во одговорот кој стигна од Влада тие се правдаат дека владини претставници биле дел од програмата за одбележување на настанот, а премиерот бил на средба со претставници од  Фондот на Холокаустот каде никој не даде изјава за медиуми, но не одговараат дали ваквиот однос е само да не ги налутат соседите.

Владини претставници немаше ниту на положувањето на цвеќе пред спомен обележјата во Штип и Битола.

Ова не е единствен случај кога власта не покажува достојна почит кон она што значело угнетување на Евреите. Во 2019-та година екс премиерот Заев во говор на комеморација директно ги навреди Евреите и излезе со шокантна изјава велејќи дека Холокаустот е еврејска традиција.

И додека македонската власт внимава на постапките и чекорите кои ги превзема кон Бугарија, во Анталија веќе се сретнале шефот на македонската дипломатија Бујар Османи и бугарскиот премиер Кирил Петков каде се договориле дека потребни се дополнителни гаранции за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, без да се прецизира во која насока се двожат преговорите.

„Ни требаат јасни и недвосмислено пораки како гарант за европската перспектива на земјите од регионот. Нашата европска интеграција станува безбедносно прашање и само позитивен исчекор во оваа насока ќе допринесе кон општата безбедност и сигурност на целиот европски континент“, истакнал Османи.

Опозицијата пак реагира дека власта не ги слуша нивните барања за дополнителни гаранции дека Бугарија нема да ги повреди македонските национални интереси. Првиот човек на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека нема никакви информации оти власта го приватизирала процесот.

Додека чекаме македонската влада да побара директно извинување од Бугарија, еврејската заедница од земјава ја повика Владата на Бугарија и државните политички авторитети да се соочат со вистината за Холокаустот врз Евреите во окупираните територии во Втората светска војна, за која пронацистичката влада во Царството Бугарија од тоа време е директно одговорна, и да се извинат и да ја прифатат одговорноста.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста