Иван Џолев назначен за в.д. претседател на Кривичен, опозицијата обвини дека власта вршела притисок

Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев назначен за вршител на должност по истекот на 4-годишниот мандат на чело на најголемиот суд во Македонија. Џолев бил определен на оваа должност заради континуитетот во работата и затоа што Судот под негово водство спаѓал во листата на ажурни судови. Портпаролот Арсиќ вели дека наскоро ќе биде објавен оглас за избор на претседател на Основен кривичен суд – Скопје, како и на други три основни суда – Тетово, Куманово и Ресен.

„Локалните избори беа закажани на почетокот на август, а имајќи ја предвид препораката на Антикорупциската комисија, дека Судскиот совет не смее да избира и разрешува судии за време на изборна кампања, едноставно не можеше да се распише оглас за избор на претседател“, изјавил Арсиќ за МИА.

Но Законот за судови, упатува на поинаква постапка за избор на вд претседател на судот. Судскиот совет треба да постапи според членот 89 од Законот за судовите кој вели:

Член 89:

Во случај на разрешување или престанок на мандатот на претседателот на судот, до избор на нов претседател на судот, Судскиот совет на Република Македонија од редот на судиите во судот определува вршител на должноста претседател на судот кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови.

Пред почетокот на седницата на Судскиот совет, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги повика членовите на ова тело „да ги почитуваат Уставот и интересот за именување на в.д. претседател повикувајќи се токму на членот 89  тврдејќи дека се врши притисок за донесување политичка одлука.  

„Во Законот за судови е предвидено дека ,во случај на разрешување или престанок на мандатот на претседателот на судот (како во овој случај), до избор на нов претседател на судот, Судскиот совет од редот на судиите во судот определува вршител на должноста претседател на судот кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови”, изјави Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ.

Кривичниот суд во Скопје во последните години беше во центарот на политичко-правните случувања во земјава, главно, поради процесите што ги води за случаите што ги отвори некогашното Специјално јавно обвинителство.

Викторија Миткова

Advertisements