Итно заминете од Либан, откажете го патувањето и за Израел, порачуваат од МНР
Сите македонски граѓани во Либан со првиот лет дома, патувањата кон Изрзел да се одложат – Министерството за надворешни работи и трговија, поради влошената безбедносна ситуација ги повика граѓаните од Македонија кои се наоѓаат во овие земји веднаш да ги напуштат во првата можна прилика.
- „Имајќи ја предвид непредвидливата безбедносна состојба на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до граѓаните да ги одложат патувањата кои не се неопходни кон Израел. Дополнително, македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел, да ги следат упатствата на националните безбедносни власти и во зависност од потребата и динамиката на безбедносната ситуација, да го напуштат Израел“ велат од МНРНТ.
Од МНР, велат и дека ги следат состојбите во Либан, Израел и регионот и навремено информираат нашите државјани за евентуални насоки за постапување.
Ситуацијата на Блискиот исток екалираше откако Иран вети „жестока“ одмазда против Израел, кој го обвинува за смртта на политичкиот шеф на движењето Хамас – Исмаил Ханија пред четири дена во Техеран. Израел немаше коментар за оваа ликвидација, но се обвинети и за убиството на високиот командант на Хезболах, Фуад Шукр истиот ден во предградие на Бејрут.
Светот стравува од опасноста конфликтот да ескалира во сеопфатна регионална војна. Според либански безбедносни извори од Либан врз северен Израел синоќа биле истрелани околу 50 ракети. Според израелските медиуми и видеата кои се споделуваат повеќето од ракетите биле пресретнати од израелскиот противракетен систем „Железна купола“. Досега нема информации за жртви. Израелските воздухопловни сили пак одговорија со напади врз цели во јужен Либан.
Сè повеќе земји ги повикуваат своите граѓани да го напуштат Либан поради зголемените тензии и стравувањата од поширок конфликт на Блискиот Исток. Но, поголемиот број авиокомпании го избегнуваат иранскиот и либанскиот воздушен простор и од минута во минута ги откажуваат летовите.
Американската амбасада во Бејрут рече дека оние кои ќе изберат да останат во Либан треба да „осмислат планови за итни случаи“ и да бидат подготвени „да се засолнат на едно место подолг временски период“.