Истражување на ЦГК: Партизирани кадри во јавните претпријатија

Потврда за партизираноста на администрацијата. Партизирани се најголем дел од раководните лица во 30 најголеми јавни претпријатија во земјава – покажа истражувањето „Право или политика:Изборот на членови во управните и надзорните одбори во државните претпријатија“ кое го спроведе Центарот за граѓански комуникации. Владата и општините немале соодветен документ за регулирање на процесот на селекција на избраните кандидати. Не објавувале огласи, не проверувале дали се квалификувани, ниту, пак, им вршеле интервјуа за работа на кандидатите. Од Центарот за граѓански комуникации велат дека и покрај обемното истражување, не можело да се дознае кој, по какви критериуми и во каква постапка им предлага на Владата и општините да ги изберат токму тие лица. Токму затоа, центарот заклучува дека постои оправдан сомнеж дека се работи за кадри кои доаѓаат од партиите на власт.

„Со оглед на целосната нетранспарентност на процесот, оправдан е сомнежот дека списоците за именување на членови на управните и на надзорните одбори на претпријатијата во државна сопственост се составуваат надвор од институциите, односно во партиските кругови. Како членови на управните одбори во најголемите државни претпријатија се јавуваат многу политички кадри, секторски директори во други државни претпријатија, припадници на државната администрација, сметководители во приватни компании, секретари на училишта, педагози, психолози, па и раководител на бензинска пумпа, сопственик на златарски дуќан итн“
Истражувањето покажало дека само 30% од членовите на надзорните одбори за контрола на финансиското работење имаат економско образование, како и знаења и искуство од областа на финансиите и сметководството. Ниту јавните претпријатија, ниту пак, нивните основачи, поседуваат работни биографии за членовите на У.О. и Н.О.“ – стои во истражувањето.

Има огромна разлика во примањата на членовите на УО и НО. На пример, Комуналец – Прилеп ги плаќа членовите 800 денари по одржана седница, а сумата достигнува и до 27 илјади денари месечно за претседателот на Надзорниот одбор на Македонската радио-телевизија. Годишно, најмногу за исплата на членовите на одборите троши Водовод и канализација – Скопје, односно, околу 36 илјади евра.

Тања Попова