ИСТРАЖУВАЊЕ НА ИРИ: Врвни приоритети на Владата да бидат инфлацијата и корупцијата

ИСТРАЖУВАЊЕ НА ИРИ: Врвни приоритети на Владата да бидат инфлацијата и корупцијата

Економијата, скапиот живот, невработеноста и корупцијата треба да бидат главните задачи на идната влада, според истражувањето на Меѓународниот републикански институт.

Ова се најголемите проблеми на македонските граѓани. 25 отсто од испитаниците во Македонија одговориле дека високите цени и трошоците за живот треба да бидат приоритет на владата, а потоа следуваат корупцијата со 22 отсто и невработеноста со 10 отсто.

Во однос на Европскат аунија и интеграцијата на Македонија, само еден отсто од граѓаните рекле дека тоа треба да биде приоритет.

34 отсто од испитаниците сметаат дека ЕУ е сериозна во намерата да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, наспроти 47 отсто кои сметаат дека не е сериозна.19 отсто не знаат или не одговориле.

На прашањето дали би го поддржале приклучувањето кон ЕУ доколку денес се одржи референдум- 68 отсто од граѓаните би гласале „за“, додека 13% би биле „против“.

„Постои силна желба низ Балканот за зајакнување на врските со западните економии и за приклучување кон ЕУ. Оваа широка поддршка покажува дека луѓето од целиот регион веруваат дека понатамошната интеграција во ЕУ може да помогне за постигнување одржлив просперитет“,се вели во извештајот на ИРИ.

Македонските испитаници сметаат и дека членството во НАТО има многу позитивен импакт врз земјата (32%), додека 8 отсто имаат сосема спротивно мислење.

Во однос на институциите, македонските жители (25%) најмногу им веруваат на верските институции и армијата (16%). Најмала доверба имаат во политичките партии, парламентот и судовите. Во Македонија, 76 отсто сметаат дека судството нема волја или желба да се бори против корупцијата, што ги одразува масовните скандали што го потресоа судството во изминатите неколку години.

Според ИРИ, Бугарија е најголема закана, а Србија најголем сојузник за македонските граѓани.

Податоците за истражувањето се собрани од 2 февруари до 5 март од 1.220 возрасни испитаници во Македонија. Истражувањето е направено во сите земји од Западен Балкан.

Ања Лукарова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста