Истражителите собираат информации за софтверот за МВР, а Рашковски одмара во Мексико

Рашковски се уште одмара во Мексико, а истражителите собираат документи за набавка на софтверот. Но обвинителството не открива повеќе детали. Русковска вели дека рано е да се каже дали и кое кривично дело е во прашање. Тоа што Рашковски не е тука не било проблем. Рано било за распити.

“Се напишаа повеќе наредби, истражители од Основното јавно обвинителство за гонење се во постојан контакт со лицата кои треба да ни ги обезбедат документите кои ги бараме и откако ќе ја обезбедиме, ќе се види документацијата и ќе видиме кои чекори ќе се преземаат“, вели Русковска  за Канал 77.

Драги Рашковски, еден од најблиските соработници на премиерот Заев среде сканддал со софтвер и пандемија замина од Македонија.  Само неколку часа по изјавата на премиерот дека ќе провери каде се наоѓа неговиот советник, Рашковски се јави од мексиканските плажи. По бурните реакции на јавноста,  тој изјави дека таму било многу евтино. Заев пак застана на негова страна.

По ваквиот развој на настаните јавноста коментира дека случајот со Рашковски, многу наликува на оној со поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев.

Рускоска покрена истрага за Дончев, откако му се изгуби секаква трага. Таа на новинарско прашање каде е поранешниот директор на фондот за здравство, изјави дека немала поим дали е во Македонија, но дека има истрага за него.

Инаку Рашковски не се поврзува само со оваа афера. Претходно беше во центарот на вниманието за случајот Леонардо и тендерот во МНАВ. Немаше обвинение за поранешниот генерален секретар на владата. Обвинителството за организиран криминал утврдило дека м – нав склучил договор за заем без државна гаранција со европската банка за обнова и развој, а не за постапка за јавна набавка. Надлежниот јавен обвинител од обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција утврди дека нема место за јавнообвинителско постапување и со решение ја отфрли пријавата.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста