Истрагата за пожарот во Тетово тапка во место – ќе има ли одговорност?

Ќе има ли одговорност за пожарот во тетовската модуларна болница во која живи изгореа 14 пациенти? Дали несреќата ќе се забошоти или некој сепак ќе одговара како што бара јавноста? Министерот за здравство Венко Филипче по кој знае кој пат е без коментар околу овој случај. Вели истрагата се уште траела.

„Истрагата се уште е во тек, не би сакал да коментирам ништо“, ни одговори кусо министерот за здравство, Венко Филипче.

Случајот со модуларната болница, која се запали на 8 Септември и изгоре до темел за неполни пет минути, го истражуваше тетовското обвинителство. Тогаш оставки до Владата понудија министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани. Премиерот цел месец тактизираше под изговор дека ќе ги чекал наводите на истрагата, за потоа експресно по објавените првични информации на Обвинителството да поита за да каже оти нема да ги прифати.

Првичниот извештај на Обвинителството покажа дека причина за пожарот бил прегреан кабел, а огнот кој настанал од искра забрзано се проширил поради големото количество на кислород во собите за потребите на пациентите болни од Ковид 19. По извештајот Заев застана зад Филипче и Хасани посочувајќи оти кај нив немало ниту политичка, ниту менаџерска одговорност.

Случајот го „чешлаа“ и тим форензичари од Германија. Нивниот извештај се очекува да биде готов до крајот на месецов.

Во меѓувреме, одговорност за Филипче и за Хасани побараа и од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ во Парламентот. Опозицијата се повика на фактот дека мандатите на министрите ги дава Собранието и тоа има право и да ги одземе. Тие од спикерот Џафери побараа итна седница за оставките на челните луѓе во здравството, но рокот за седницата според деловникот за работа на Собранието истече, а Џафери до денес не даде одговор зошто го игнорираше барањето на опозицијата.

Биљана Божиновска